Британската амбасадорка Рејчел Галовеј денеска, по повод 5-годишнината од Договорот од Париз, одржа состанок пред Самитот за климатски амбиции, кој ќе се одржи виртуелно на 12 декември 2020 година, соопштија од британската амбасада. Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, францускиот амбасадор Сирил Баумгартнер, италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, постојаната координаторка на ООН Росана Дуџиак и шефот на делегацијата на ЕУ Дејвид Гир, присуствуваа на состанокот за да разговараат за климатските промени и за важноста на оваа заедничка цел.

Росана Дуџиак, постојаната координаторка на ООН, истакна: „Следејќи ја најтоплата деценија до сега, соочувањето со огромните последици од загадување на воздухот по нашето здравје и сведочењето на тешката еколошка деградација се сериозни финални предупредувања за сите нас да сториме нешто за намалување на климатските промени. Постојат остри предупредувања дека мора да дејствуваме веднаш, индивидуално, но и заеднички”.

„На состанокот се фокусиравме на напредокот на Северна Македонија и ја поздравивме работата на Владата во насока на развој на сопствените амбиции за Конференцијата за климатски промени COP26. Министерот Нуредини најави амбициозни цели во подобрениот План за национални определени придонеси за климатски промени што во моментов е во постапка на усвојување од страна на Владата, како и финализирање на првите нацрти на Долгорочна стратегија и Законот за климатска акција. Зборувавме и за Националната стратегија за енергетика и ја охрабривме Владата да ја донесе најзелената опција на Стратегијата што е можно поскоро. Новиот план за имплементација на Стратегијата ќе ги идентификува активностите кои се потребни за да се оддалечиме од производството на енергија со јаглен кон алтернативи како што се сончева енергија, ветер и вода, отворајќи го патот кон почиста, позелена и поодржлива иднина“, рече Галовеј.

Таа додаде дека денес ЕУ е на пат да ја постигне својата цел во 2020 година за намалување на емисиите на СО2 за 20 отсто, во споредба со 1990 година и за достигнување на 24 отсто намалување на емисиите, во споредба со 1990 година.

Историскиот Договор од Париз кој спаѓа под Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) е критичен договор, бидејќи за прв пат светските влади се договорија за декарбонизација на глобалната економија. Договорот утврди глобална рамка за ограничување на глобалното затоплување под 2 степени целзиусови и продолжување на напорите за ограничување на 1,5 степен целзиусов, до крајот на векот. Пет години од COP21 во Париз е постигнат меѓународен напредок, кога владите ќе треба значително да ги надградат преземените обврски согласно Парискиот договор.

На 12 декември, Обединетото Кралство и Франција ќе бидат домаќини на Самитот за климатски амбиции на ООН, во партнерство со Италија и Чиле. Ова ќе обезбеди платформа за лидерите кои се подготвени да излезат со најави за нови, поамбициозни национални придонеси кон климатски промени (NDCs) и долгорочни стратегии и ќе не води кон неутралена, позелена и поотпорна одржливост.