Галовеј и Силвестри: Ако не дејствуваме сега, климатските промени ќе ја уништат Земјата

Фото: Порталб.мк

Се наоѓаме во посебен историски момент и начинот на кој ќе дејствуваме во следните 10 години, ќе го одреди патот по кој нашата планета ќе се движи во следниот милениум. Само развојот на науката и вербата во неа можат да ни помогнат да се справиме со негативните ефекти од климатските промени, кои ги гледаме секојдневно со топлотните бранови и масивните пожари. Ова беше пораката што амбасадорите на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј и на Италија, Андреа Силвестри ја пренесоа синоќа на средба со новинарите и претставниците на УНДП.

Тие се собраа за заедно да го гледаат документарниот филм на добропознатиот активист за животна средина, Дејвид Атенборо, „Пробивање на границите: Науката за нашата планета“, пишува Порталб.мк.

„Сите ги видовме негативните ефекти од климатските промени, како што се неодамнешните поплави во Европа и низ целиот свет. Климатските промени се случуваат сега и време е да се преземе акција. Се наоѓаме во посебен момент во историјата, и начинот на кој ќе дејствуваме во следните 10 години ќе го одреди патот по кој нашата планета ќе се движи во следниот милениум. Шефовите на држави се тие што ги донесуваат клучните одлуки и треба да разберат што точно ни кажува науката“, рече амбасадорката Галовеј во својот говор.

Во ноември, Обединетото Кралство и Италија ќе бидат заеднички домаќини на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени, ЦОП26 (COP26) во Глазгов. Настанот ќе собере илјадници делегати, вклучително и шефови на држави, експерти и активисти за заштита на животната средина, кои ќе разговараат за да ги координираат сите активности за борба против климатските промени.

„Северна Македонија е скапоцен камен на биодиверзитетот во Европа. Ретки и загрозени видови, уникатен екосистем, езера и реки, го прават ова место едно од последните места што има дива природа во регионот. Горда сум што можам да кажам дека во РСМ го поддржавме создавањето на Националната енергетска стратегија и со задоволство можеме да кажеме дека таа го отвора патот за чиста, зелена и оддржлива енергија“, рече Галовеј.

Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри рече дека за справување со климатските промени се потребни поголеми културни промени.

„Треба да го промениме начинот на кој се однесуваме и нашите навики, и затоа улогата на младите во овие промени е од суштинско значење. Светот на утрешнината е нивниот свет. Во септември ќе организираме настан со млади на оваа тема на кој ќе учествуваат двајца млади од Македонија. Сега повеќе од кога и да е, во оваа пандемија, гледаме колку е важна науката. Науката ни помага да се бориме против вирусот и да направиме вакцини. Исто така, науката може да ни помогне да се справиме со климатските промени“, рече амбасадорот Силвестри.

Документарниот филм „Пробивање на границите: Науката за нашата планета“ ја обработува темата за огромните последици од климатските промени во светски рамки. Се фокусира на девет клучни точки, опишани од шведскиот научник и професор по науката за животна средина, Јохан Рокстром, кои, доколку се надминат, би го направиле животот на Земјата пеколен за човекот, животните и растенија. Наративот на документарецот е направен од Сер Дејвид Атенборо.

Документарецот ги прикажува мрачните прогнози, поткрепени со научни факти и предупредувачки изјави за преземање итни чекори за спасување на планетата Земја.