Амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, во интервју за „Порталб.мк“ зборува за процесот на реформи во јавната администрација и судството. Таа вели дека спроведувањето на законите и плановите е клучот за враќање на довербата на луѓето во институциите и дека Северна Македонија треба да пристапи на решавањето на овој проблем систематски. Го споменува случајот „Рекет“ како разочарувачки и зборува за причината поради која е вклучена во чистењето на нашите улици и нејзината мотивација да им помогне на младите.

Што мислите за реформите во јавната администрација?

– Првата работа што треба да ја разбереме е дека реформата во јавната администрација не може да биде цел сама по себе, туку мора да биде процес на реформи. Направено е многу, но вистината е дека има уште многу што треба да се направи. Некои институции се пред другите, а некои сè уште не се на тоа ниво. Во вашата земја има многу институции, министерства и агенции и затоа реформата ќе биде долг процес. Toа морате да го анализирате стратешки: дали ни се потребни сите овие институции, дали некои вршат иста работа? Не смее да се донесат избрзани одлуки, тоа би било погрешно. Одлуките треба да се донесат откако ќе се изврши анализа и стратешко анализирање.

Извештаите и експертите на ЕУ велат дека јавната администрација е преоптоварена и треба да се намали. Исто така, постои проблем со влијанието на политиката…

– Да, имате различни проблеми на различни места. Кај некои имате проблеми со капацитетот, а во некои има структурни проблеми. Токму поради тоа мислам дека Министерството за јавна администрација се обидува да го разгледа проблемот холистички, со поддршка од Велика Британија и други, обидувајќи се да го направи ова на постратешки начин, затоа што треба да се соочите со различни проблеми во исто време. На пример, предизвик е да се привлечат добри и квалификувани експерти за ИТ да работат во администрацијата и да бидат платени колку што би добивале во приватниот сектор. Јавната администрација треба да обезбеди услови за нив. За Северна Македонија да може да ги дигитализира своите услуги за јавна администрација за луѓето да можат на интернет да аплицираат за документи, потребни им се луѓе од ИТ сферата.

Постојат многу планови и акциски планови, но луѓето не ја чувствуваат разликата во нивниот реален живот. Што мислите Вие за ова?

– Спроведувањето на овие закони и планови е суштествено и вие треба да го направите тоа систематски. Ќе го постигнете тоа, но, потребно е време за луѓето да ја почувствуваат разликата. Потребна е упорност и да се каже: сега откако ги донесовме законите, ајде да ги спроведеме, не само на национално, туку и на локално ниво. Ние како Велика Британија поддржуваме голем број различни активности на ова ниво. Веќе подолго време инвестираме во таа област и ќе продолжиме да го правиме истото. Веќе дел од работите што ги имаме поддржано, се всушност, остварени, како на пример: проценка на влијанието на регулативата, што помага да се направат проценки кога се подготвува ново законодавство; систем на компетентност во администрацијата, за да се осигури дека луѓето се вработуваат врз основа на заслуги; и методологија за функционална анализа, која им помага на институциите да утврдат што треба да прават, како и кој треба да го стори тоа.

Друго болно прашање е реформирањето на судството во Северна Македонија. Новиот закон за Обвинителството не е донесен и тука е корупциската афера „Рекет“. Кој е вашиот став?

-Факт е дека вербата на луѓето во правосудниот систем е неверојатно мала и веќе некое време луѓето со право бараат подобрување. Ова е клучно прашање за добро управување и луѓето треба да имаат пристап до независно правосудство. Проблемот е во тоа што, реформите, исто како и во јавната администрација, се многу комплицирани и не можат да се направат брзо. Реформите мора да се направат темелно и внимателно со цел да се зајакнат институциите за да можат да испорачуваат правда.
Напредок има, видовме некои добри закони: Законот за судови, Законот за Судскиот совет и сл. Случајот „Рекет“ беше разочарувачки, но мора да земеме предвид дека беше преземена акција, дека е покренато обвинение и процесот тече. Ако погледнеме неколку години наназад, би го поставиле прашањето дали воопшто би се случило тоа? Значи, го гледате зајакнувањето на системот, но тоа е нужно да оди бавно и додека се случува многу е важно во исто време да се изгради доверба на јавноста, а тоа има врска со тоа да се биде транспарентен: да им се дозволи на луѓето да видат што се случува во судовите и во системот, да им се овозможи да го разберат подобро она што се случува.
Граѓанското општество, исто така, има многу важна улога во сето ова. Затоа го поддржуваме следењето на реформите во судството од страна на граѓанското општество, така што ова пред сè ѝ овозможува пристап на јавноста до информациите, но исто така се врши притисок врз институциите да дејствуваат независно.
Исто така, нема причина зошто сега да не се постигне напредок во врска со законот, да се заокружи сè што е останато отворено и мислам дека сите политички партии треба да се соберат и заеднички да изнајдат решение. Не станува збор за пристапување во ЕУ, туку за вербата на луѓето во системот, затоа што тие сакаат функционален правосуден систем.

Луѓето немаат доверба во судството затоа што случаите на Специјалното јавно обвинителство немаат пресуди…

– Има некои неуспеси, случаи што не завршуваат, случаи во кои луѓето бегаат надвор од земјата – и тоа не е толку позитивно и ја разбирам нетрпеливоста да се видат овие конечни пресуди. Но, исто така, треба да се почитуваат процедурите и правилата и случаите треба да се завршат, луѓето треба да видат дека сѐ е направено како што треба. Ако можеме да видиме дека се почитувани процедурите и регулативите, тогаш можете полека да започнете да ја обновувате довербата што е потребна за судскиот систем да функционира.“

Многу пари се вложени за поддршка на нашите реформи, сепак сè уште сме сведоци на коруптивни скандали, неефикасна администрација, лоши јавни услуги, лошо образование и така натаму. Што, според ваше мислење, треба да се направи поинаку и кој треба да го стори тоа за да имаме одржливи позитивни промени?

– Постојат голем број процеси што треба да се случат за да се создаде промената што ја бара реформата. Реформата се однесува и за создавање промена на институционално ниво, но исто така треба да се случи промена и кај самите луѓе кои треба да преземаат одговорност и да го сменатт своето однесување. Погледнете ги прашањата поврзани со животната средина, на пример. Станува збор за тоа дека луѓето треба да го сменат својот став, а не само институциите да преизвикуваат промени. Но, сепак, транспарентноста е клучна, да се разбира она што се случува во агендата за реформи.
Медиумите имаат одговорност да известуваат за тоа, граѓанското општество има одговорност да го следи она што се случува и да изврши притисок за промени, дозволувајќи им на граѓаните да бараат реформи затоа што тие разбираат што се случува и потоа можат да бараат одговорност од своите политичари. Ако политичарите испорачаат резултати, тие ќе бидат избрани повторно, а ако не го сторат тоа, народот ќе бара промена. Граѓаните ќе можат да го сторат тоа само ако видат и разберат што се случува“.

Како може процесот на реформи, што е потребен за пристапување во ЕУ, да ѝ помогне на Северна Македонија?

Северна Македонија е земја кандидат веќе подолго време и има постигнато многу реформски цели: регионална соработка, добрососедски односи. Самиот процес помага во вопоставувањете на целите. Тој обезбедува насока во кои области треба да се работи и го наградува напредокот во овие области со отворање на поглавја. Моето разбирање е дека Франција е загрижена дека откако ќе се затвори едно поглавје, ако тогаш има уназадување, нема систем за справување со тоа. Значи, ако има промени во методологијата веројатно е добро, затоа што ако тоа значи дека реформите што требало да се спроведат веќе не се спроведуваат, тоа ќе биде притисок за нивно спроведување. Исто така, ова ме враќа на мојата друга поента, во врска со информациите. Ако имате комисија овде за да ги направи овие проценки, тоа ќе им помогне на граѓаните да видат што е направено, а што не е и ќе ѝ помогне на владата и другите институции да разберат што уште треба да се направи. Така, самиот процес треба да ѝ помогне на Северна Македонија и нејзините граѓани да го подобрат животот, што е и целта на реформите.

Видовме дека сте дел од групата амбасадори кои ги чистат нашите улици, зошто?

– Климатските промени и животната средина се високо на агендата на Велика Британија. Ние се обидуваме да заземеме стратешки и сеопфатен пристап кон она што е глобален проблем. Во оваа земја очигледно има проблеми и ние се обидуваме да работиме со владата за да заземеме стратешки пристап кон овие проблеми. Проблемите со животната средина не можете да ги решите брзо, така што во минатото го поддржувавме Министерството за животна средина во развивање на своите пристапи за анализа на проблемите за отворање на соодветното поглавје за ЕУ. Решението е во долгорочни инвестиции и планирање. Ние, исто така, го поддржуваме развојот на енергетската стратегија, која сега е на јавна консултација, така што е ова е можност јавноста да коментира за она што понудиле експертите за Северна Македонија да има долгорочни одржливи обновливи извори на енергија. Ние исто така го поддржуваме граѓанското општество во врска со животната средина.
Понатаму, ние веруваме во директни активности со тоа што даваме личен пример. Затоа се придружуваме кога луѓето бараат од нас да работиме на овие области. Како амбасада се обидуваме да не користиме пластика воопшто. Не е лесно, но се обидуваме.
Активности и промени се потребни во многу области, а потребни ви се и долгорочни стратегии, како што се изнаоѓање на решенија за обновливите извори на енергија и многу краткорочни активности, како што е казнување на компаниите кои загадуваат. А личната одговорност е исто така многу важна.

Вие работите многу со нашата младина. Ве имаме видено на различни настани поддржувајќи младински проекти, зошто?

– Нема иднина за земјата ако младите не се ангажирани, вработени, активни и не остануваат тука. Потребна ви е образована младина која размислува креативно и сака да работи и да направи промени. Имаме многу проекти, а главен е проектот што го започнавме пред неколку недели, YouthHub. Овој проект беше лансиран заедно со претседателот Стево Пендаровски, тој го даде просторот во центарот на градот, а исто така се вклучени и МАСИТ и Националниот младински совет. Идејата е младите да се здобијат со дигитални вештини што им се потребни за работните места во 21 век. Но, всушност има и друга подлабока цел. Станува збор за одговорност и заедница.Тие треба да вршат работи во заедницата за да платат за оваа обука. Исто така, ќе им помогне на компаниите да најдат одредени вештини што им се потребни.
Други проекти има во селата и руралните области, каде имаме поддржано спортски активности, локални дебати за млади, културни активности, шаховски натпревари. Исто така, имаме поддржано обуки за креативно размислување кај малите заедници и младите луѓе за развивање на нивните креативни идеи за да постигнуваат нешта што имаат практична вредност за нив. Поддржуваме различни програми за пристап до градинки и исто така, преку нашата програма во Британскиот совет, развиваме дигитални вештини и предаваме кодирање во секое училиште во земјата.“