Галичник Филм Фестивал во продолжениот викенд ќе понуди 50 краткометражни филмови

Во продолжениот викенд пред нас, љубителите на филмот онлајн и бесплатно ќе може да ја проследат програмата на Галичник Филм Фестивал, најновиот фестивалски настан во земјава.

Годинашната програма бесплатно ќе може да се следи на платформата Cinesquarе од утре до недела. Сите филмови се со времетраење до 30 минути и датираат од последните 2 години.

Од пристигнатите повеќе од 2.000 краткометражни филмови од цел свет беа селектирани 50 филмови во три натпреварувачки категории: Игран, Документарен и Анимиран краткометражен филм.

Ќе се прикажат неколку светски премиери, но и филмски наслови со учества на Венецијанскиот филмски фестивал, Фестивалот за краткометражни филмови во Палм Спрингс, Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, Берлинале, Санденс, ИДФА, Филмскиот фестивал во Сараево, а сега достапни и пред македонската публика. Една од новините кои ги носи фестивалот е и филм кој претставува филмувана верзија на театарска претстава – нова хибридна форма која зазема сѐ поголем замав.

Домашните автори имаат значајно место во програмата на Галичник Филм Фестивал. Ќе имаме можност да ги погледнеме филмските достигнувања на режисерите Марко Џамбазоски, Ибер Деари, Горан Димов и Ајдин Ислами.

Многу важен дел од фестивалот е одржувањето на Работилницата за развој на сценарио за долгометражен филм, под водство на Франц Роденкирхен и Франсоа вон Рон познати како “Solace23”, кои важат за едни од најактуелните консултанти за сценарио во филмската индустрија. На отворениот повик за автори од регионот беа избрани 4 проекти, меѓу кои и проект од нашата земја “Слатката горчина на зрелите калинки” на Андреј Волкашин.

„Среќни сме што нашиот фестивал со оваа работилница ќе биде едно скалило до премиера на 4 проекти”, вели Марко Црногорски, програмски директор на Галичник Филм Фестивал.

Годинашното, прво фестивалско издание, се организира со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за филм. Галичник Филм Фестивал е во организација на Дарма Филм, во соработка со Месна Заедница Галичник. Следното фестивалско издание би требало да се одржи во формата во која е замислен фестивалот – во Галичник.

Повеќе информации за фестивалот може да видите тука.