Преполни контејнери и ѓубре расфрлано околу нив, на пешачки патеки, на тротоари и улици, па и во близина на училишта и градинки и утрово е тажната слика со која се разбуди Скопје.
Главниот град и неговите жители веќе подолго време се заложници на политичките игри и препукувања помеѓу градоначалничката во заминување Данела Арсовска и владеачката ВМРО-ДПМНЕ, која раководи со Управниот одбор на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“. Резултатот е поразувачки и покажува колку политичарите се грижат само за своите интереси, а не за доброто на граѓаните.
Дури откако состојбата со несобирањето на отпадот ескалираше и се заканува на здравјето на над половина милион луѓе, Владата одлучи да ги задолжи Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје, во соработка со Министерството за внатрешни работи, согласно своите законски надлежности, да направат вонреден инспекциски надзор на територија на Град Скопје.
Од Основното јавно обвинителство Скопје вчера информираа дека веќе постапуваат и преземаат дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело.
„Јавниот обвинител издаде наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена“. Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба“, посочуваат од ОЈО.






