Со насолзени очи, цвеќиња и свеќи во рацете и триминутен молк, стотици граѓани попладнево се собраа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на крстосницата со улицата „29-ти ноември“. Дојдоа да ѝ оддадат почит на 22-годишната Фросина Кулакова, која пред два дена го загуби животот на ова место, откако во неа удри автомобил чиј возач возејќи брзо поминал на црвено светло, во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола.
Граѓаните палеа свеќи и положуваа цвеќиња пред нејзината фотографија, која од вчера е поставена помеѓу двата пешачки премина на „Партизанска“. Додека дел од нив со молк ѝ оддаваа почит, други видно вознемирени го коментираа случајот.
Граѓанскиот собир беше организиран спонтано на социјалните мрежи, а на локацијата денес дојдоа студенти, средношколци, пензионери и други граѓани.
„Не е несреќа, туку убиство“, „Уште колку деца да умрат за вашите да бидат среќни?“, „Врските не враќаат човечки живот“ – беа само дел од написите на транспарентите што ги држеа младите луѓе, изреволтирани од информациите за претходно сторените прекршоци од страна на 20-годишниот возач кој ја усмрти Фросина. По молкот, насобраните граѓани скандираа „Правда“ и „Одговорност“.
Присутните студенти упатија апел до возачите да внимаваат и да ги почитуваат правилата кога се вклучени во сообраќај.
„Она што треба да се направи е апел за зголемување на јавната свест и за почитување на правилата за возење и користење на сите правни мерки за случаите да бидат решени, за младите да не се повторно разочарани од системот“, изјави Александар Николовски, претседавач со Националното студентско тело.
На новинарско прашање дали повторно би се организирале за да влијаат доколку нема промени во безбедноста во сообраќајот, Николовски одговори:
Првично би апелирале да се зголеми јавната свест и едукација преку наши конкретни предлози и дискусија со надлежните органи, а потоа, доколку тоа продолжи, би се организирале пак за искажување на револтот.
На еден од транспарентите се најдоа имињата на Фросина Кулакова, Викторија Николова и Фросина Цековска – трите девојки кои во изминативе десетина години го загубија животот на пешачки премин токму на „Партизанска“.
Деветнаесетгодишната студентка Фросина Цековска загина во април 2015 година откако беше прегазена од автомобил управуван од 26-годишник под дејство на алкохол и со брзина поголема од ограничената. Возачот беше осуден на затворска казна од шест и пол години, по што казната во 2019 година му беше намалена на три години.
Викторија Николова, пак, студентка на Филолошкиот факултет при УКИМ, го загуби животот на 20 јануари 2022 година на крстосницата пред трговскиот центар „Скопје Сити Мол“. Дваесет и двегодишниот возач беше осуден на четири години затвор и забрана за управување со патничко возило.
Еден час по почетокот на собирот, присутните се упатија кон Основниот суд Скопје 1, а „попатно“ застанаа пред Собранието и Јавното обвинителство и побараа правда и одговорност за случајот со Фросина Кулакова.
Возел брзо, под дејство на алкохол и без возачка дозвола – усмрти 22-годишна девојка