Првото еко-кино на точак во Скопје се случи синоќа во Градски парк. Во организација на здружението за развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“, присутните имаа можност да го погледнат документарниот филм „Живот на нашата планета“ (A Life on Our Planet) на Дејвид Атенбороу.
Наместо на традиционален начин, неговата проекција ја овозможија пет велосипеди кои произведуваа електрична енергија. Во паркот беа поставени држачи на кои можат да се постават велосипедите, а секој од публиката имаше можност да се качи на еден од нив и да проба да произведе струја.
Како дел од настанот во Градски парк беше поставена и коцка со големина од 4 кубни метри, која всушност претставуваше 125 килгорами јаглероден диоксид.
„125 килограми CO2 е еквивалентно на 14 дена возење со автомобил, на 50 килограми неселектирана пластика или пак на 6 месеци фрлање комунален отпад. Тоа ни кажува колку многу ние сме причинители на климатските промени и колку вакви, за нас мали работи, како отпадот што не го селектираме, прават разлика“, велат од „Гоу Грин“.
На една од страните на коцката, младите можеа да остават своја порака во која ќе го напишат нивното ветување во борбата против климатските промени и како тие ќе го намалат својот јаглероден отпечаток.
За тоа што ги предизвикува климатските промени, но и што прави земјава за да ги намали емисиите на јаглеродниот диоксид и да се избори со климатските промени, на настанот зборуваше Елена Николовска од „Еко-свест“.
„Дури и креаторите на политики во нашата земја сега се согласија дека имаме проблем. И треба да го решиме. Тоа е глобален проблем, не национален, и затоа секој треба да стори нешто и да се обиде да го ублажи. Сега имаме многу добра и амбициозна енергетска стратегија која вели дека треба да го намалиме користењето на фосилните горива до 2030 година. Ова е одлична вест, но сега треба и да го направиме тоа. Бидејќи фосилните горива се причина број еден која ги предизвикува климатските промени, а во нашата земја најголемиот дел од елекричната енергија ние го добиваме од фосилни горива“, посочи Николовска.
Пред проекцијата на филмот, пред присутните се обрати и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, која уште еднаш потсети на клучниот самит за климатски промени кој во ноември треба да се одржи во Глазгов, Шкотска.
„Навистина можеме да постигнеме нешто на оваа конференција. Но, зошто овој настан? Затоа што треба да извршиме притисок врз сите наши влади за да направат повеќе. Ни требаат млади луѓе ширум светот да ја поттикнат таа промена и ни требаат луѓе како вас кои ќе им кажат на своите земји дека треба да дејствуваат сега“, порача амбасадорката Галовеј.
Инаку, во филмот „Живот на нашата планета“, авторот Дејвид Атенбороу зборува за влијанието на човештвото врз природата, сведочи за уништувањето на Земјата, но и порачува дека сè уште не е доцна да го промениме ваквиот тек на историјата.