[Галерија] Лунарна еклипса: Феноменот „Крвава месечина“ утринава на небото над Скопје

Фото: мета.мк

Рано утринава, како што беше претходно предвидено и во времетраење од неколку минути, Земјата се придвижи точно помеѓу сонцето и месечината. Во тие мигови месечината влезе во фазата на целосно затемнување, феномен што се случува еднаш на секои две ипол години. Тоа беше првата лунарна еклипса во 2022 година и беше одлично видлива на чистото небо над главниот град.

Оние кои останаа будни можеа да ја проследат и уживаат во магичната глетка кон месечина која по затемнувањето се обои во црвено. Оваа специфичност беше проектирана на месечината откако сончевата светлина се проби низ Земјината атмосфера, што беше единствениот можен начин истата да продре до месечината поради нејзиното покривање од страна на планетата.

Фоторепортерот на Мета.мк, утрово кратко пред изгрејсонце, додека „Крвавата месечина“ се наоѓаше на најблиско растојание до Земјата и беше многу поголема од вообичаено, успеа да направи фотографии од небото кое се прелеваше во мастилно-виолетови нијанси што дополнително ја истакна необичноста на појавата на розеникаво-црвената боја на површината од месечината.