[Галерија] „Exhibitions vol.“ – просторен одѕив на младите локални уметници

Фото: Колевска

Платформата „Exhibitions vol.“ во организација на „ShortBus“ или како што уште се нарекува, суб-културен центар ја претстави најновата, четврта изложба во низата за промовирање на млади уметници.

Овој пат, на „Exhibitions vol.4“, посетителите може да видат уметнички дела од Душан Стефановски, Искра Чарли и Елена Гелева.

„Оваа изложба е составена од разни видови на стилови, не е ограничена во однос на тоа како нешто треба да ѝ се пренесе на публиката“, изјави организаторот Ѓорѓи Додев на денот на отворањето.

Во делата на младиот графичар од Скопје, Душан Стефановски се препознава ставот за излегување од стегите на традиционалните медиуми за изразување, па неговите идеи често може да се пронајдат „истурени“ врз најдени објекти, врати или дрвени штици и рамки. Во неговите методи на работа се провлекуваат и маркери и спрејови.

„Делото е направено од четириесетина ренгени и скенови направени во периодот од откривање на сколиозата, сѐ до операцијата. Медицинската евиденција е изложена во придружба со илустрации и текстови кои ја воведуваат човечноста во одна состојба – Искра Чарли, млада уметница.

Современата уметница Елена Гелева чиишто дела можевме да ги погледнеме на оваа изложба за себе вели дека при дизајнот на одредено дело обрнува внимание на методите за анализа на дело.

Организаторот на овие своевидни изложби посочи дека оваа изложба е поорганизирана од претходните, од причина што самиот настан е пораснат и, како што рече, интересот за него е значително зголемен.

„Веќе не се држи само за едниот објектив што го имавме од почетокот, односно не е идејата да биде промовирање на млади уметници, туку концептот сега е повеќе на локални уметници, луѓе коишто се тука“, изјави нашиот соговорник.

„Изложбите се инспирирани од секој што е тука, што доаѓа во Шортбас“ – Ѓорѓи додев

Додев додава дека во самите изложби има органски елемент токму поради тоа што и самиот учи од искуствата на другите. Како што ни изјави, и нему му е прв пат да организира изложби, а сепак преку истите научил многу во однос на говорот на кој ќе комуницира самата изложба со присутните.

„Да се сподели локалната уметност, затоа што многу малку луѓе ги знаат луѓето што се тука. Уметниците што се тука без разлика на тоа колку изложби прават, не се познати на сите, а треба да бидат“, вели тој.