Нов паметен телефон, наречен Fx0, што работи на оперативниот систем „фајрфокс“, излегува на Божик во Јапонија. Она што го прави уникатен и го издвојува од другите паметни телефони е фактот што куќиштето му е транспарентно.
Телефонот е дело на партнерство помеѓу „Мозила“ и јапонскиот телекомуникациски гигант KDDI. Ова е првиот паметен телефон што работи на платформа „фајрфокс“, кој има карактеристики на повеќето такви телефони на пазарот, какo 4Г и НФЦ.
Во однос на спецификациите, има 4,7-инчен екран, процесор од 1,2 гигахерци со двојно јадро, и скромна батерија од 2,370 милиампер-часови. Дизајнот е транспарентен бидејќи сакале да ја прикажат „отвореноста, слободата и транспарентноста“ на „Мозила“.
Fx0 ќе има продажна цена од 420 долари во Јапонија, но сè уште не се знае кога ќе стигне на пазарот во Европа и во САД.