Фукојама наспроти лидерите на Балканот: Победата на Трамп може да е опасност за светот

Егзалтираноста поради победата на Трамп на дел од политичките елити на Балканот, вклучувајќи ги и македонските, како и дел од централноевропските лидери, може да е оправдана и визионерска од различни причини. Идеолошка блискост или од себични интереси, без оглед дали се лични или за сопствената држава. Но, еден од најголемите светски мислители Френсис Фукојама, кој секако дека не потпаѓа под квалификациите – пушти го, тој е од демократите, смета дека наводното визионерство и радост се всушност кусогледост. Трамп може да направи проблеми во целиот свет, смета Фукојама

-

Нема сомневање дека голем дел од лидерите на земјите од Западен Балкан и дел од Централна и Југоисточна Европа силно се радуваат на победата на Доналд Трамп на американските претседателски избори. Тоа се почувствува и во Северна Македонија, каде што политичката елита, почнувајќи од премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и поголем дел од неговите министри изразуваат јавни честитки и задоволство од исходот на изборите уште од првиот ден по изборите, а брза честитка и надеж за идна стратешка соработка со државата изрази и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче.

Ваквиот став на оние што носат одлуки („десижн мејкерите“), секако дека влијае и на оние што анализираат јавно (т.н. „опинион мејкери“), што може да се види од неброените емисии во отворените студија на македонските телевизии на сите јазици, дебатни емисии или анализите и колумните во печатените и онлајн медиумите. Уште од првиот ден, дел од медиумите побрзаа да потсетат дека премиерот Мицкоски уште како опозициски лидер, а и откако дојде на власт одржувал блиски контакти со луѓе кои сега се споменуваат како дел од првиот круг околу Трамп, при што најпосочуван е Ричард Гренел. Најсликовит пример беше текстот на на Алфа Телевизија:

Ричард Гренел, Девин Нуњес, Хауард Лутник, Крис Павловски. Моќни личности од политичкиот и бизнис сектор во САД, кои важат за блиски на идниот претседател Доналд Трамп. Според Њујорк Тајмс Гренел треба да биде идниот државен секретар на Америка. Но и личности кои важат за многу блиски со премиерот Христијан Мицкоски. Уште кога беше лидер на опозицијата, актуелниот македонски премиер имаше редовни средби со овие видни личности, од кои уште тогаш се испраќаа позитивни сигнали за соработка со Македонија.

Милошоски: контактите (со кругот околу Трамп) беа државна инвестиција

Но, ваквите вести и прилози на дел од медиумите несомнено се поттикнати од политичарите на власт, а еден од нив е Антонио Милошоски, актуелен пратеник и поранешен министер за надворешни работи. Тој уште на 7 декември, ден откако стана јасно дека Трамп е победник за 360 Степени изјави:

Сметам дека нема потреба од стравување затоа што и Европа и нашиот регион веќе имаат одредено искуство со мандатот на претседателот Трамп. Овој пат сметам дека и земјите на европскиот континент, но и самиот претседател Трамп и неговиот тим се подобро подготвени за меѓусебна соработка. Ќе зависи многу од тоа кој ќе биде во неговиот тим, кој ќе ја предводи надворешната политика и согласно тоа можеби колку внимание ќе ни биде посветено.

Но, тука не застана. Од умерената изјава „зависи кој ќе биде во неговиот тим“, преку „нема потреба од стравување зашто Европа и нашиот регион веќе имаат одредено искуство со мандатот на претседателот Трамп“, Милошоски стигна до квалификацијата дека средбите со Гренел и други лица блиски до Трамп се државна инвестиција во надворешната политика:

Се гледа дека таа средба била инвестиција, дипломатска, човечка, персонална, па и државна инвестиција во создавање некои контакти. (Поткаст на Канал 5 – околу 45 мин.).

Друг висок функционер од Владата, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ на дебатна емисија Само вистина на Канал5 (прв и втор дел), на 11.11.2024 г. повеќе пати изјавуваше, парафразираме, победата на Трамп е позитивна за нас и за светот, ќе донесе мир во светот, вклучувајќи ја и војната во Украина без оглед на цената на мирот, зашто алтернативата била војна, па дури и можноста од нуклеарна, потоа дека за земјава победата ќе значела и економски напредок бидејќи конечно брзата пруга Скопје Солун по Коридорот 10 ќе станела реалност, наспроти другиот Коридор 8 од кој земјава немала никаков бенефит, итн. Притоа, контрадикторен беше и по однос на јасниот контра аргумент од соговорникот Александар Чомовски, дека Трамп значи економски ризик за земјите од ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, која е наш најзначаен трговски партнер, бидејќи депресијата на германската економија и генерално на ЕУ ќе значат и многу веројатни тешки последици по македонската економија.

Радоста во Србија, Република Српска, Албанија е уште поголема, стравуваат БиХ и Косово

Дојче Веле, германскиот јавен и меѓународен радиодифузер кој емитува на 32 светски јазици, направи сублимат од написите во повеќе германски печатени медиуми за тоа кој на Балканот се радува од победата на Трамп.

Ричард Гренел поранешен специјален американски пратеник за Балканот и амбасадор на САД во Германија за време на првиот мандат на Доналд Трамп, би можел да се врати во високата политика и на позицијата шеф на Стејт департментот во администрацијата на новоизбраниот претседател, пишуваат германските медиуми, се наведува на почетокот на сублиматот на ДВ.

Билансот на Гренел во Западен Балкан е историјат на сомнителни договори со автократи, пишува за тоа германскиот весник Франкфуртер рундшау.

Весникот пишува дека Гренел практично „на мускули“ ја соборил првата влада на Албин Курти во Приштина во 2020 година – барем така тврди Курти.

Франкфуртскиот весник потсетува на тогашните критики дека Трамп и Гренел, наводно, сакале да освојат поени пред изборите во 2020 година со брз дипломатски успех во спорот меѓу Белград и Приштина. Тоа, како што се наведува, ги загрозило напорите на ЕУ за посредување околу косовското прашање.

Весникот потсетува и накритикитедека Трамп наводно планирал да ги охрабриСрбијаиКосовона „размена на територии“ – ја пренесува ДВ статијата од Франкфуртер рундшау.

Пишувајќи за бизнисите на Гренел и на Кушнер во Белград и на албанското крајбрежје, авторот наведува:

Во последниве години, тој (Гренел) го продлабочи своето пријателство со двајца од најопасните автократи во регионот: српскиот претседател Вучиќ и албанскиот премиер Рама. Се чини дека Гренел ги користи тие контакти за лична корист.

Авторот потсетува на реченицата која Гренел ја кажа за албанските медиуми: „Никој не треба да се извинува затоа што сака да заработи пари“.

Дојче Веле го пренесува и ставот на германските весници зошто меѓу најрадосните е и претседателот на Република Српска Милорад Додик.

Соединетите Американски Држави со години го држат Додик на листата со санкции. Текстот на Тагес-Анцајгер потсетува на претходната изјава на Додик дека жали што не прогласил отцепување на Република Српска за време на првиот мандат на Трамп.

Со Трамп како господар во Белата куќа, тој (Додик) гледа нова можност да го заостри курсот против државата Босна и Херцеговина, заклучува Робели.

На истата тема пишува и виенскиот весник Дер Штандард кој наведува дека „етнонационалистите“ на Балканот ја слават победата на Трамп, појаснува ДВ.

И во овој текст се потсетува на наводната намера на Трамп да поттикне размена на територии и ново исцртување на границите.

Ваквите промени на границите би биле особено опасни за Босна и Херцеговина. Затоа што со нив би се етаблирал етноконцептот и би им дал ветер во грб на политичарите кои сакаат натамошни промени на границите, пишува Стандард,се наведува во сублиматот на Дојче Веле на македонски јазик.

Фукујама смета дека поради Трамп цел свет ќе западне во проблеми

Овие пофалби за Трамп што доаѓаат не само од балканските лидери, туку и од Виктор Орбан или Роберт Фицо, на пример, се сосема погрешни за Френсис Фукујама, кого Дојче Веле го нарекува светски познат политиколог, политички економист, научник и писател, и со кого германскиот медиум исто така на 11.11. објави краток разговор.

Насловот на текстот е оценката на Фукујама дека победата на Трамп ќе ги охрабри популистите, при што уште во поднасловот се наведува дека на глобално ниво ќе има промени на полошо:

Победата на Доналд Трамп може да предизвика големи промени во целиот свет, не само во САД, вели американскиот политиколог Френсис Фукујама за ДВ. Тој очекува политиките на Трамп да предизвикаат проблеми во целиот свет.

На прашањето дали ќе има промени во светскиот поредок, Фукујама потврдно одговори:

Ќе се промени. Тоа ќе промени сѐ. Трамп не сака сојузници. Тој не сака да ги поддржува сојузниците. Тој не ја сака Украина. Мислам дека ќе направи мировен договор со Путин на штета на Украина. Тоа ќе направи многу лош преседан за остатокот на Европа. На Далечниот исток не е јасно дали ќе сака да ги брани американските сојузници од Кина. И тоа се големи геополитички ризици во кои сега влегуваме. И тоа е само во безбедносниот аспект. Тој сака да воведе царини од 20 отсто за секоја држава. А, тоа ќе доведе до глобална економска депресија затоа што ќе се вратиме во ситуацијата која ја имавме во 1930-те години по донесувањето на Смут-Хоули царините. 

За нас можеби е помалку важно, но за светот секако дека е многу важна и опцијата САД да станат автократска држава, по примерот на Унгарија, опција што Фукојама не ја отфрла, иако нагласува дека „не сме стигнале дотаму“:

Ако САД навистина се претворат во еден вид авторитарна земја како Унгарија, тоа е огромна работа. Мислам, тоа навистина е најголемото нешто што се случило од крајот на Студената војна. Но, сè уште не сме сосема таму. Значи, не би можел, не предвидувам дека тоа ќе се случи.

Дојче Веле нагласува дека Фукојама е најпознат по неговата книга „Крајот на историјата и последниот човек“, но значењето на неговите зборови се огромни доколку се има предвид неговата биографија и транзиција од поддржувач на демократите и икона на неолиберализмот, како што забележува Енциклопедија Британика, до застапник за борба за загубените демократски вредности во светот и владеење на правото.

Пишува: Теофил Блажевски

Нема зголемување на платите на функционерите, одлучи Владата

Нема да растат платите на именуваните и избраните лица, судиите, членовите на судскиот совет, јавните обвинители и членовите на советот на јавните обвинители и истите, преку интервенција во коефициентите за пресметка...

[Интервју] Фидиас Панајоту: Како млади да ја преземеме иднината во свои раце, подобро од возрасните разбираме како се развива светот

Порталб.мк подготви поинакво интервју од Европскиот парламент во Стразбур, каде разговараше со најинтересните европратеници. Еден од нив има 24 години и доаѓа од Кипар. Тој е инфлуенсер и јутјубер со над...

На Меѓународниот ден на човековите права, пуштена во употреба играта „Навигатор“

Делегацијата на Европската Унија во земјава и Јуроп хаус, во партнерство со Обединетите Нации и Министерството за образование и наука (МОН), и во соработка со гејминг здружението Галактик Омнивор и Македонското...

Агелер за „црната листа“: Ако ние можеме да ги собереме доказите, тогаш можат и македонските институции

САД направија уште еден значаен чекор во борбата против корупцијата со тоа што ги назначија поранешниот заменик-претседател на Владата, Артан Груби и судијата на Апелациониот суд, Енвер Беџети за вмешаност во...

Нема зголемување на платите на функционерите, одлучи Владата

Нема да растат платите на именуваните и избраните лица, судиите, членовите на судскиот совет, јавните обвинители и членовите на советот на јавните обвинители и истите, преку интервенција во коефициентите...