fbpx

Фуере: Единствено решение за Македонија е владата да поднесе оставка

-

На Годишната конференција од Регионалната програма за истражување, во организација на Институтот „Отворено општество“ и Универзитетот од Фрајбург, во Охрид се води дебата на тема „Предизвиците на Балканот“.

Поранешниот евроамбасадор во земјава, Ерван Фуере, состојбата во Македонија ја оценува како драматична.

Тој ја обвини Владата дека не ги почитува демократските принципи и правилата на ЕУ, како и дека целосно го има изгубено кредибилитетот, поради што треба да си поднесе оставка.

– Единствено решение за Македонија, според мене, е сегашниот режим, односно Владата да поднесе оставка, бидејќи е јасно од она што го слушаме од снимените разговори дека таа е инволвирана во нелегални активности и корупција и се обидува да ги поткопа институциите на државата. Потребен е нов пристап, кој ќе ги инволвира сите општествени чинители, кои треба да промовираат нов пристап кон демократијата и демократските институции и да се држат подалеку од старата политика која владее во Македонија повеќе години, а се рефлектира на најлош можен начин преку однесувањето на актуелниот премиер и на владата предводена од него – смета Фуере.

Фуере побара од ЕУ да заземе многу поактивна улога во надминување на политиичката криза во Македонија и да почне преговори со земјата за членство, но не со актуелната влада.

Директорот на центарот за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Австрија, Флоријан Бибер, смета дека голема одговорност за замрзнатите интеграции на Македонија има Грција.

– Грција ги попречува евроатлантските интеграции на Македонија и тоа е сериозен проблем – вели Бибер. Тој додаде и дека ако ЕУ сака да биде легитимен и кредибилен партнер за Македонија и да го унапреди процесот на реформи, мора итно да го реши тој проблем и да ја отстрани таа препрека за Македонија да ѝ се приближи на ЕУ.

– Тажна е констатацијата дека доколку нема насилство, нема интерес за Балканот. Ако судиме според пораката на Јункер, нема проширување на ЕУ во следните пет години. Јасно е дека интересот на ЕУ за регионот е мал. Требаше да се случи нешто лошо како Куманово и тогаш сите светски медиуми и политичари почнаа да зборуваат за Македонија – оценува Димитар Бечев од Европскиот институт.

Авторитарните тенденции се зголемуваат и се манифестираат преку коруптивно владеење и непочитување на институциите, што Балканот го враќаат наназад.

– Македонија сега, веројатно е школски пример за автократски тенденции. Потребна е поголема интервенција на странските фактори, ЕУ, САД и сите пријатели на Македонија за надминување на кризата, но и за зајакнување на внатрешните капацитети на земјата – оценува Јасна Котеска, професор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...