fbpx

Фудбалер на ФК „Силекс“ осомничен за местење натпревар

-

Министерството за внатрешни работи (МВР) до скопското Основно јавно обвинителство поднело кривична пријава против С.В. (26) од Кочани, фудбалер во фудбалскиот клуб „Силекс“ од Кратово, кој се товари за местење натпревар.

Како што информираат од МВР, фудбалерот е осомничен за неовластено давање подароци.

Според полицијата, осомничениот на четворица свои соиграчи им ветил награда од 1.200 евра, за секој од нив, ако нивниот тим „Силекс“ го загуби натпреварот против тимот на ФК „Металург“, одигран на 18 мај оваа година.

За случајот, како што информираат од МВР, тие биле известени на 23 мај и уште наредниот ден извршиле разговори со четворицата соиграчи на осомничениот, во просториите на полициската станица во Кратово.

– Истите дале речиси идентично појаснување околу натпреварот одигран на 18 мај, помеѓу екипите на ФК „Металург“ и ФК „Силекс“, односно дека пред одигрувањето на натпреварот, пријавениот им понудил парични средства во износ од 1.200 евра за секој од нив, за да одиграат под своите реални можности за да го изгубат натпреварот. Ваквата понуда фудбалерите не ја прифатиле и, според нивно кажување, одиграле максимално професионално, при што натпреварот завршил со резултат 3 – 1 во корист на ФК „Силекс“- стои во соопштението на МВР.

Играчите пред полицијата рекле дека на 21, 22 и на 23 мај, тие биле контактирани од осомниениот, кој им рекол дека треба заедно да одат во Пробиштип и таму да се сретнат со четири лица, од кои двајца зборувале на македонски, а другите двајца на бугарски јазик.

„Од разговорот и од самиот настап на четирите лица, фудбалерите дошле до заклучок дека целиот проблем е во врска со одиграниот фудбалски натпревар со екипата на ФК „Металург“, односно едно од лицата се пожалило дека се обложувало на наведениот натпревар, изгубило околу 40.000 евра. Поради губењето на парите од обложувањето, од четворицата фудбалери побарале да им исплатат 15.000 евра, а остатокот од 25.000 евра да им го исплати пријавениот. Притоа на средбата им биле упатени и сериозни закани доколку не биде извршена исплата на паричните средства“, велат од МВР.

Четворицата фудбалери на 22 мај, откако зеле плата, им ги дале бараните пари на лицата, кои, пак, им кажале дека со нив веќе немаат ништо, а „целиот проблем околу настанатата ситуација ќе го решаваат со пријавениот, кој со нив се договарал и гарантирал за конечниот резултат на натпреварот“.

Од МВР информираат дека продолжуваат со истрагата околу случајот и „утврдување на идентитетот на инволвираните бугарски и наши државјани, како и евентуалната вмешаност и на други лица“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...