Фронт 21/42 бараат да нема нови мали хидроцентрали на Шара

Фото:Petrovnik / CC BY-SA

Невладината организација Фронт 21/42 смета дека Предлог-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк е спротивен на еден од клучните приоритети од програмата на Владата за забрана на изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и национални паркови. Екологистите сметаат дека основната цел на законот треба да е заштита на природата, а не нејзино зонирање за реализација на проекти за мали хидроцентрали.

„Деновиве се одвива последната фаза од усвојувањето на новиот Закон за прогласување на дел од Шар планина за национален парк – закон кој е „скроен“ да овозможи реализација на плановите за мали хидроцентрали на територијата на подрачјето кое го заштитува“, реагираат од невладината организација.

Екологистите сметаат дека со него се врши непочитување на националната стратегија за води, која бара катастар на локации за овие енергетски објекти и прекршување на законот за води, заради што бараат стопирање на секакви активности за реализација на мали хидроцентрали, се до изработката и усвојувањето на овој катастер. Со законот, велат се прекршува и законот за заштита на природата и Националната стратегија за заштита на природата. Тие бараат министерот за животна средина Насер Нуредини да ја стави Шара во режим на привремена заштита, а Нацрт-законот целосно да се ревидира.