„Фронт 21/42“ бара нова јавна расправа за Нацрт-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Невладината организација Фронт 21/42 реагираше во врска со јавната расправа за Нацрт- законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, која вчера ја организираше Министерството за животна средина, онлајн на платформата ZOOM. Од Фронт 21/42 се незадоволни што поголемиот дел од времето, предвидено за расправа измина во презентирање на документација и веќе подготвени видеа, како и што претставници на Министерството не одговорија на дел од прашањата кои беа упатени до нив.

„Во тоа кусо време, во кое јавноста имаше можност да се вклучи со свои коментари, не му беше даден збор на секој кој побара да го искористи своето законско право, а тие што добија збор всушност и не можеа многу да кажат. Во еден момент, текстуално и преку пораки, се поставија повеќе прашања за кои беше речено дека Министерството ќе даде одговори на крај од дискусијата, што реално не се ни случи“, посочуваат од оваа организација.

Од тие причини тие побараа да се закаже и одржи нова јавна расправа, која ќе овозможи доволно време за сите засегнати страни да ги искажат своите ставови, да постават прашања и да добијат одговори.