ФРОДЕМ: Со предлогот за нов министер на МВР, Груевски го прекрши договорот за избори

Не поминаа ниту 12 часа од постигнувањето на договорот за избори, Никола Груевски го покажа своето вистинско лице и неговото сфаќање за „фер и демократски“ избори, се вели во реакцијата на Фронтот за демократската Македонија (ФРОДЕМ) во врска со денешната одлука на Владата за избор на нов министер за внатрешни работи и за разрешување на директорите на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

„По којзнае кој пат, Груевски го прекрши договореното. По денешната експресна одлука за избор на нов министер за внатрешни работи и разрешувањето на директорите на Бирото за јавна безбедност и на Управата безбедност и контраразузнавање и назначување на партиски послушници на нивно место, дополнително го партизираа ова министерство. На повидок е дуализам во управувањето со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Паднаа во вода заложбите за имплементација на реформските приоритети и препораките од извештајот на Прибе договорени со последниот анкес на Договорот од Пржино“, стои во соопштението од ФРОДЕМ.

Оттаму нагласуваат дека со ова „Груевски и фамилијата повторно им удрија шлаканица на сопствените граѓани, но и на меѓународата заедница која е гарант на договореното“.

Владата денеска за нов министер за внатрешни работи го предложи Оливер Андонов, поранешен професор на универзитетот МИТ и активист на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).

Андонов ќе биде министер за внатрешни работи само еден ден, до назначувањето на Оливер Спасовски од СДСМ, кој на ова место се враќа како дел од преодната влада, која почнува да функционира в сабота.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, потврди дека премиерот Емил Димитриев треба да го предложи Митко Чавков за нов директор на Бирото за јавна безбедност во МВР.

Собраниската седница за избор на новиот министер за внатрешни работи се одржува попладнево.