Фото: Арбнора Мемети

Во друштво со Албанија, Црна Гора, Србија и Унгарија, Северна Македонија во извештајот „Слободата во светот 2021“ на Фридом Хаус е рангирана во групата на делумно слободни земји. Со добиените 66 поени од можните 100 во 2021 година, земјава забележала мал напредок во однос на лани, кога Фридом Хаус политичките права и граѓанските слободи ги оценил со три поени помалку. Во периодот од 2017 година до денес, Северна Македонија бележи подобрување за девет поени и повисоко рангирање на листата на Фридом Хаус.

„Левичарската влада ги смири тензиите по парламентарната криза во 2017 година која ја парализираше нормалната политичка активност. Северна Македонија продолжува да се бори со корупцијата, додека медиумите и граѓанското општество се вклучени во интензивна јавна дебата, новинарите и активистите се соочуваат со притисок и заплашување“, се наведува во краткото резиме на Фридом Хаус за состојбата во земјава.

И покрај постепениот напредок, од Фридом Хаус најмногу забелешки наоѓа за владеењето на правото во земјава. За транспарентноста, слободата на изразување и корупцијата во Северна Македонија, минатогодишните средишни оценки остануваат и за годинава.

Во групата клучни настани во минатата година, предвремените парламентарни избори од Фридом Хаус се оценети како конкурентни и кредибилни, по чие одржување СДСМ формираше владина коалиција со помалите партии. Бугарската блокада за почетокот на преговорите со ЕУ е исто така вклучена како клучен момент лани, но и измените во Законот за јавно обвинителство, за кои се вели дека биле донесени со промени во законските одредби во последен миг.

Извештајот „Слободата во светот 2021“ Фридом Хаус го именува како „Демократијата под опсада“, со што тие укажуваат на растечкиот јаз на демократијата низ светот. Како никогаш досега, во 2020 година разликата во бројот помеѓу земјите кои забележале напредок и земјите кои забележале уназадување е 45. Фридом Хаус забележува дека во изминативе 15 години, бројот на неслободни земји низ светот се зголемил од 45 на 54, а опаднал бројот на слободни земји од 89 на 82. За Соединетите Американски Држави исто така се нагласува дека опаднале за 11 процентни поени од 2010 до 2020 година, од 94 на 83 поени лани.