fbpx

Фридман анализираше 130.000 зборови од „бомбите“: Многу турцизми и уличен говор

-

Прислушуваните материјали, односно, „бомбите“ што минатата година СДСМ ги обелодени во јавноста, беа предмет на научно лингвистичко истражување од еден од најпознатите македонисти во светот, Виктор Фридман.

– Истражувањето е извршено само од лингвистичка гледна точка, без разлика дали материјалите што ги разгледував се вистинити или не. Ова е ретка можност да се собере соодветен материјал што ќе даде релевантни податоци за неформалниот говор во Македонија – истакна Фридман.

Во истражувањето биле разгледувани 130.000 зборови, кои биле дел од прислушуваните материјали.

Според денешната презентација во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ на истражувањето на Фридман, направена е анализа и споредба на вокабуларот употребен во „бомбите“ со тој во делото од Крсте Мисирков, „За македонцките работи“.

Фридман особено се задржал на турцизмите бидејќи македонските говорители ги употребуваат за неформална комуникација, односно, како што изјави професорот, тие се дел од уличниот говор.

Тој забележа дека она што го има оставено Мисирков како материјал за научно истражување, се разликува од разговорниот јазик што денес го користат Македонците.

Според статистиката што ја изнесе професорот Фридман, турцизмите во „бомбите“ биле користени многу повеќе за разлика од србизмите, иако се присутни и едните и другите.

На прашањето дали би направил поопсежно истражување на оваа тема, имајќи предвид дека во „бомбите“ доминираше скопскиот дијалект, професорот Фридман одговори дека во прислушуваните разговори, сепак, имало и други дијалекти, а не само скопскиот. Тој искажа надеж дека доколку има услови, со задоволство би истражувал многу повеќе на оваа тема.

Виктор Фридман е еден од најпознатите македонисти во светот, а е редовен професор на Универзитетот во Чикаго. На презентацијата на истражувањето беше претставен како првиот лингвист што се обратил на поранешниот американски претседател Џорџ Буш во однос на прашањето за идентитетот на Република Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...