Францускиот амбасадор им се извини на српскиот народ и на претседателот Вучиќ


       
Белград, 12 ноември, 2018 - 15:19 (META) 

Амбасадорот на Франција во Белград, Федерик Мондолони,  денеска порача дека распоредот на седење на вчерашното одбележување во Париз на 100-годишнината од примирјето со кое заврши Првата светска војна е „голема несмасност поради која што жали“ и ги замоли претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и српскиот народ да го прифатат неговото извинување.

Распоредот на седење на околу 80 државници на вчерашната централна церемонија во Париз предизвика бурни реакции во Србија и го поттурна во втор план самото одбележување.

Вучиќ за новинарите по одбележувањето им рече дека косовскиот претседател Хашим Тачи, кој седеше веднаш зад претседателите на Франција и Русија, Емануел Макрон и Владимир Путин, „имал подобра позиција од сите“ во регионот, но и дека не знае како се определувал распоредот и дека не било ни време ни место да прави скандал.

Францускиот амбасадор во Србија утринава за телевизијата „Прва“ рече дека е малку комплицирано тој од Белград да го коментира тоа што претседателот на Косово во Париз седел поблиску до Макрон и Путин, како и до другите лидери на земјите – победнички од Вучиќ. Додаде дека многу жали за таквиот распоред на седење и истакна дека Франција е многу блиска со Србија, како и дека Србија во Првата светска војна загубила речиси третина од своето население, што Французите не го забораваат.

Во врска со написите во српските медиуми дека „Хашим Тачи си го купил местото покрај Путин, Мондолони одговори дека сака да зборува за сериозни работи и дека никој во Србија не верува во таквите тврдења.
Српскиот претседател Вучиќ на Твитер се заблагодари на амбасадорот на Франција за извинувањето и напиша дека Србија на величествен начин ќе го дочека францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот на декември.