Францускиот парламент усвои мерки за забрана за вработување членови на семејствата, што беше дел од изборните ветувања на претседателот Емануел Макрон.

Мерката се наоѓа во нацрт-законот за морализирање на политичарите, за што францускиот парламент расправа неделава.
Нацрт-законот е последица на корупциските афери што се случија во Франција за време на претседателската кампања.
Претседателскиот кандидат на десницата, Франсоа Фијон, кој на почетокот на кампањата беше фаворит, доживеа драстичен пад на популарноста откако изби скандалот за фиктивните работни места во парламентот за неговата сопруга Пенеполе и за две од нивните пет деца.

Против Фијон во екот на кампањата беше поведено прелиминарно обвинение за злоупотреба на јавните средства. Подоцна е поднесено обвинение и против неговата сопруга.

Мета на истрага за измами и за малверзации беше и кандидатката на екстремно-десничарската партија Национален фронт, Марин ле Пен.

Францускиот весник „Фигаро“ наведува дека во последниот состав на парламентот, околу 200 пратеници вработиле членови на своите семејства.