Франшизите „Warcraft“ и „Diablo“ во фокусот на 30-годишнината на „Близард“

Blizzard
Статуа во седиштето на „Blizzard Entertainment“ | фото: Wikimedia Commons

Во видео интервју за „Вашингтон пост“, претседателот на компанијата за видеоигри „Близард“, Џ. Ален Брек, зборува за стојалиштето на неговата компанија за време на најновото издание на една од најголемите гејминг конвенции во светот – Близкон (BlizzCon). Оваа конвенција, како другите слични настани, се одржа виртуелно поради пандемијата.

Брек заедно со потпретседателот на „Близард“, Ален Адам, најави дека после неколкуте немили настани, компанијата ќе сврти нова страница, а тоа ќе го направи преку фокус на најпознатите франшизи како „Warcraft“ и најавениот ремастер на „Diablo II“.

„Вашингтон пост“ забележува дека прославувајќи ја својата 30-годишнина, „Близард“ продолжува непропорционално да се потпира на своите познати имиња.

„Мислевме дека многу луѓе ќе ја пробаат World of Warcraft: Classic и ќе кажат дека е одлична. Сега тоа го имаме и ќе се вратиме на вообичаената World of Warcraft. Видовме многу луѓе, милиони од нив, што се држат до неа и се заинтересирани за она што следува во оваа заедница. Имаме многу внатрешни разговори околу тоа што е правилно да направиме за да одиме напред“, вели Брек.

Компанијата веќе ја најави експанзијата на „Burning Crusade“ за „World of Warcraft:Classic“ заедно со „Hearthstone Classic“, што ја враќа играта во нејзината оригинална верзија од 2014 година.

Брек потврди и дека се во развој дополнителни мобилни игри базирани на нивните најпознати франшизи. Заживување ќе добие и „The Lost Vikings“, а дел од нивната Arcade колекција за компјутери и конзули ќе бидат и „Rock N Roll Racing“ и „Blackthorne“.

„Ако ја погледнете историјата на гејмингот во последните 30 години, жанровите доаѓаат и си одат“, вели Брек, споредувајќи ги жанровите стратегија во реално време и авантура и додаде дека имаат многу идеи за развој на жанрот по кој „Близард“ беше позната уште во нејзините почетоци.

Сега, повеќе од било кога, компанијата се фокусира на „Diablo“, а во креирањето на оваа франшиза е вклучено и студиото за игри „Vicarious Visions“, кое имало голема улога во развојот на „Diablo II: Ressurrected“. Со нивна помош, од „Близард“ се надеваат дека ќе избегнат ситуација како онаа со „Warcraft III: Reforged“, која минатата година беше критикувана поради одредени недостатоци и технички проблеми.

Брек вели дека од ова искуство научиле да ветуваат помалку и да даваат повеќе, а најавува дека тоа играчите ќе го видат и во ремастерот на „Diablo II“.

„Warcraft III: Reforged“ беше објавена во тежок период за „Близард“, откако на почетокот на 2019 година компанијата отпушти речиси 800 вработени и покрај рекордната заработка од „Activision“. Истата година, Брек за време на Близкон конвенцијата јавно се извини за контроверзниот случај кога еден од професионалните играчи на „Hearthstone“ беше казнет поради тоа што за време на еден од стриминг настаните во Тајван јавно зборувал во полза на протестите во Хонг Конг против кинеската влада.

Во меѓувреме, сè уште е неизвесна судбината на неколку други нивни франшизи, меѓу кои и носталгичната „Starcraft“.

Брек и Адам во интервјуто појаснуваат и дека нивна мисија е да го зближат светот преку епските игри.

„Покрај создавањето на одлични игри, тоа планираме да го направиме со обезбедувањето на заедници кои се инклузивни и безбедни за гејмерите да се вклучат“, велат тие.