Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, денеска за „Мета“ изјави дека новиот водоснабдителен систем во Гевгелија се гради затоа што градот има потреба од дополнителни количества вода. Тој тврди дека водата во Гевгелија е чиста, но дека локалните власти сакаат да го тргнат секој сомнеж.
– Одлучивме да градиме нов водоснабдителен систем затоа што имаме потреба од дополнителна количество вода. Исто така, и по сите обвинувања дека водата е загадена, сакаме да ги тргнеме сите сомнежи, иако ние тврдиме дека водата е чиста за пиење – вели Франгов.
Како што пишува во огласот објавен на веб-страницата на Општината, водоснабдителниот систем ќе се гради со кредит од Светска банка и со грант од ИПА-програмата.
Со проектот е предвидено да се изградат два нови бунари кај реката Вардар, потисен цевковод и резервоар на Мрзенски рид.
Проценетата вредност на водоснабдителниот систем изнесува 105.258.839 денари, од кои 70.738.500 денари се обезбедени од Светската банка, додека 260.000 евра се грант од европските ИПА-фондови.
Понудите од заинтересираните компании треба да се достават најдоцна до 4 октомври.
Изградбата на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија доаѓа по долгогодишните критики на невладините организации дека водата за пиење во Гевгелија содржи високи количества арсен.
Од граѓанската иницијатива „Арсена“ во јули годинава ја објавија анализата на примерок вода од гевгелискиот водовод, која покажа присуство на енормни количества арсен, но и на тешкиот метал ванадиум.