fbpx

Францускиот претседател Макрон ни го честиташе Денот на независноста

-

Францускиот претседател Емануел Макрон, до македонскиот претседател Стево Пендаровски, упати честитка по повод Денот на независноста – 8. Септември, информираат од француската амбасада во Скопје.

„По повод националниот празник на Република Северна Македонија, во име на Франција и во мое лично име, Ви ги упатувам моите најискрени честитки. Сакам и да Ви го пренесам моето воодушевување за патот кој го поминавте по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор пред дваесет години. Вашиот успех и успехот на вашата земја за помирувањето, за кое сведочи и Преспанскиот договор, служи како пример во регионот и пошироко. Франција и Европската Унија остануваат на ваша страна за стабилноста и за просперитетот на Северна Македонија и на Западниот Балкан. Ние ги поддржуваме сите иницијативи кои се во таа насока, особено Преспа Форумот за дијалог“, напишал Макрон во честитката до претседателот Пендаровски.

Макрон додава дека за време на посетата на премиерот Зоран Заев на 10 јуни годинава, тој ја повторил желбата двете земји да продолжат да ги зајакнуваат билатералните односи.

„Северна Македонија е сојузник и суштински партнер на Франција во Западниот Балкан. Француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка од Франција за економскиот и социјалниот развој на регионот, особено преку Француската агенција за развој, која по потпишувањето на меѓувладиниот договор помеѓу двете земји на 21 февруари 2021 година, набрзо ќе започне со своите активности во Северна Македонија во областа на одржливиот развој“, пишува Макрон.

Францускиот претседател уште еднаш укажува на неговата целосна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци и ќе продолжи да спроведува напори за да се изнајде решение за билатералните спорови.

„Франција ќе биде внимателна за да преговарачката рамка, која ќе биде усвоена, ја одразува новата методологија за процесот за членство, која јас ја посакував, и ќе продолжи да ги унапредува и да ги поддржува суштинските реформи за европското приближување на Северна Македонија, особено во клучните области како што е владеењето на правото, кои се во сржта на европските вредности“, пишува Макрон во честитката кон Пендаровски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...