Брзите возови ТЖВ на француската државна железница | Image by Erich Westendarp from Pixabay

Француските пратеници изгласаа забрана на летови во домашниот воздухопловен превоз помеѓу градови за кои патувањето може да се изврши со патнички воз во времетраење од максимум 2 и пол часа, јавува Гардијан. Како дел од мерките за заштита на животната средина и климата, на авиокомпаниите ќе им се забрани да летаат меѓу дестинациите како што се Париз-Нант, Париз-Лион и Париз-Бордо, бидејќи патувањето со возови меѓу овие релации трае помалку од 2 и пол часа.

И покрај жолчната расправа во францускиот парламент, клучната препорака од климатската конвенција за граѓаните на претседателот Емануел Макрон беше усвоена во редуцирана форма. Првичната замисла на Макрон беше да се укинат сите авиолинии во земјата за кои постои алтернатива за патување со воз во времетраење од 4 часа. Со ова, ќе можеше да бидат опфатени постојните летови од Париз до Марсеј и Тулуз на југот на земјата, што за авиокомпаниите ќе значеше губење на целосниот авиосообраќај од Париз до француската ривиера, со исклучок на Ница.

Дел од француските региони, како и авиокомпанијата „Ер Франс-КЛМ“ жестоко реагираа на ваквата забрана на Макрон, која што следи во период кога оваа авиокомпанија е силно погодена од рестрикциите за патувања што ги предизвика ковид-19 пандемијата. Француската влада пред една година дури и предвиде заем од 7 милијарди евра за „Ер Франс-КЛМ“. И покрај ова, од оваа авиокомпанија нагласија дека ќе бидат посветени на намалување на бројот на домашни авиолинии за 40 отсто до крајот на годинава.

Францускиот декрет што ќе произле од изгласаната мерка на парламентот ќе вклучи забрана за летање кон домашните линии и за нискобуџетните авиокомпании, кои досега имаа авиолинии кон дестинациите до кои можеше да се патува со воз за помалку од 2 и пол часа.

Предлогот на претседателот Макрон беше различно дочекан од политичките партии што имаат претставници во францускиот парламент. Опозициските социјалисти критикуваа дека предложената мерка ќе доведе до губење на работни места во авионскиот сектор. Наспроти ова, од партијата на Зелените беа разочарани поради фактот што првичните 4 часа се намалени на 2 и пол часа, посочувајќи дека климатската конвенција за граѓаните постанала бесмислена.

Од друга страна, Француското здружение на потрошувачи УФЦ излезе со препорака до пратениците да постават заштитни мерки кон државната француска железница СНЦФ, за која се надеваат дека после овој декрет нема да ја искористи можноста вештачки да ги зголеми цените на железничките билети или да го намали квалитетот на железничките услуги.

Потегот на Франција внимателно го следат и другите западноевропски земји, каде што претстојат слични мерки за ограничување на домашниот воздухопловен превоз. Австрија, во јуни 2020 година воведе данок од 30 евра на сите авионски билети купени за дестинации со растојание помало од 350 километри, како и забрана за користење на авионски летови од граѓаните до домашните дестинации до кои може да се користи воз со времетраење на патувањето од 3 часа. Холандија имаше сличен обид во 2019 година за да воведе забрана за летови во домашниот авиосообраќај, но поради притисок за кршење на регулативата за слободно движење на граѓаните оваа мерка не беше спроведена.