Францускиот багет доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Фото: Sergio Arze on Unsplash

Долгиот леб со крцкава кора наречен багет, кој е вкусен основен дел од храната во Франција, вчера доби посебен заштитен статус и се приклучи на другите кулинарски специјалитети во светот, како неаполската пица, корејската туршија „кимчи“, белгиската култура на пиење пиво, медитеранската исхрана и арапското кафе, пренесе Си-ен-ен.

УНЕСКО, објави дека „занаетчиската умешност и културата на багетот“ сега е официјално признаена на листата на нематеријално културно наследство, впишувајќи ја експертизата зад францускиот леб како составен дел од човечката култура.
УНЕСКО – културното тело на ОН – го дефинира нематеријалното културно наследство како „традиции или живи изрази наследени од нашите предци и пренесени на нашите потомци“.

Генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулај изјави дека со доделувањето на статусот „се сеќаваме на традицијата, занаетчиството и се погрижуваме да го пренесеме рачниот начин на печење на следната генерација“. Таа додаде дека на некој начин тоа е начин на живот.

„Во Франција секогаш има пекарница во близина, каде што можете да купите свеж, евтин леб и да запознаете луѓе, да ги запознаете пекарите. Тоа е важен фактор за социјална интеграција“, рече Азулај.

На Франција ѝ требаа шест години за да ја подготви документацијата што требаше да ја достави до УНЕСКО. Според генералниот директор, со вклучувањето на списокот, луѓето ќе почнат да сфаќаат дека вообичаената, добро позната француска багета е „нешто скапоцено. Тоа е производ на историјата, има свои карактеристики и важно е јавноста да биде свесна за тоа, да се гордее со тоа“, рече таа.

Додека пекарите во Франција обично продаваат неколку видови леб, најдобрите се познати како традиционални багети. За нивната подготовка се потребни само четири состојки: брашно, вода, сол и квасец.

Според податоците од истражувачката група „Опсерватори ду паин“, која ги проучува навиките и трендовите на потрошувачката леб во Франција, просечната дневна потрошувачка на леб кај возрасните паднала од 143 грама дневно во 2003 година на 103 грама дневно во 2016 година.

Покрај францускиот багет, на својот најнов состанок во Мароко, УНЕСКО додаде 14 други обичаи и традиции на листата на културно наследство, како што се рачното ѕвонење на камбани во Шпанија, кубанскиот лесен рум и традиционалните унгарски гудачки бендови.