Француската писателка Ани Ерно е овогодишна добитничка на Нобеловата награда за литература

Фото: nobelprize.org

Нобеловиот комитет денеска Нобеловата награда за литература ја додели на француската писателка и професорка по книжевност Ани Ерно, истакнувајќи дека таа ја добива наградата поради нејзината „храброст и перцепција со која ги открива корените, раздвоеноста и колективните стеги на личната меморија“.

„Ани Ерно цврсто верува во ослободувачката сила на пишувањето. Нејзината работа е бескомпромисна и напишана со едноставен јазик, чиста. И кога таа со голема храброст и перцепција ја открива агонијата на доживувањата на класа, опишувањето на срамот и понизноста, љубомората и неможноста да се види кои сте вие, тогаш таа постигнува нешто трајно и вредно за почит“, изјави Андерс Олсон, претседател на Нобеловиот комитет.

Ерно, која ја нарекуваат и „социо-етнограф на современа Франција“ е родена во 1940 година. Писателската кариера ја започнува во 1974 година. Многу рано во својата кариера таа се откажува од пишување на фикција и се фокусира на автобиографски романи. Нејзината работа содржи комбинација на историски и лични доживувања.

Таа го опишува социјалниот прогрес на нејзините родители во „La placeLa honte“, нејзините тинејџерски години во „Ce qu’ils disent ou rien“, нејзиниот брак во „La femme gelée“, аферата со источноевропски маж во „Passion simple“, нејзиниот абортус во „L’événement“, Алцхајмеровата болест во „Je ne suis pas sortie de ma nuit“, смртта на нејзината мајка во „Une femme“ и ракот на дојка во (L’usage de la photo).

Историските мемоари „Годините“ (Les Années) од 2008 година се нејзиното најпознато и најнаградувано дело. Ерно во оваа книга за првпат пишува за себе во трето лице и овозможува живописен поглед во француското општество во периодот помеѓу Втората светска војна и раните 2000-ти години.

Покрај признанието, Ерно ќе добие и парична награда од 10 милиони шведски круни, односно околу 1 милион евра.