Архивска фотографија. Фото: Укринформ

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска телефонски разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и ветил зголемување на француската помош за Украина. Макрон му рекол на Зеленски дека воената поддршка за Украина ќе продолжи да расте, како и хуманитарната помош обезбедена од Франција, која од почетокот на војната па досега изнесува повеќе од 615 тони опрема, вклучувајќи медицински материјали, генератори за болници, помош во храна, засолништа и возила за итни случаи.

Извори од Елисејската палата соопштуваат дека Зеленски му се заблагодарил на Макрон за француската испорака на воена опрема што била искористена од украинските сили за да се одбијат нападите на руските војници.

Разговорот меѓу двајцата лидери дојде само 48 часа откако Макрон го осуди бомбардирањето на украинскиот главен град Киев за време на посетата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. За време на разговорот со Зеленски, Макрон ја истакнал својата загриженост за бомбардирањето и рекол дека француските истражители ќе продолжат со својата работа за собирање докази за можни прекршувања на човековите права и воени злосторства.

Во меѓувреме, Русија соопшти дека нејзините артилериски единици нападнале повеќе украински цели во текот на ноќта, вклучувајќи складишта за оружје и муниција. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека укинувањето на санкциите кон Русија мора да се дел од мировните преговори со Украина.

„Руската и украинската делегација разговараат секојдневно преку видео-конференција за нацрт на можен договор“, рече Лавров во коментарот за кинеската агенција Ксинхуа објавен на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.