Велика Британија и Франција подготвени да распоредат војници во Украина по постигнување мировен договор, што е значаен нов чекор за кој се разговара веќе неколку месеци, но кој Русија најверојатно ќе се обиде да го блокира, пренесува Гардијан.

Објавата следи по самитот во Париз, организиран од францускиот претседател Емануел Макрон, на кој присуствуваа повеќе од дваесетина лидери од таканаречената „коалиција на подготвените“ – земји сојузници на Украина. На самитот беа присутни и американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кој изјави дека американскиот претседател „цврсто стои“ зад безбедносните гаранции.

Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот вечерта потпишаа трилатерална декларација, со која се отвора патот за распоредување француски и британски трупи на украинска територија. „По прекинот на огнот, Велика Британија и Франција ќе воспостават воени центри низ Украина“, изјави Стармер.

Сепак, планираните копнени сили најверојатно нема директно да се судрат со руските сили доколку Москва повторно започне инвазија. Макрон појасни дека целта на ова присуство е „да се обезбеди сигурност по прекинот на огнот“ и дека трупите ќе бидат распоредени „далеку зад линијата на контакт“.

Макрон додаде дека коалицијата изработила и план за преземање обврски за „надгледување на прекинот на огнот под американско водство“, како и за „долгорочна поддршка на украинските вооружени сили, кои и понатаму ќе останат на првата линија на одбраната“.

На прашањето дали САД би им помогнале на европските сили доколку бидат нападнати во Украина, Виткоф одговори дека безбедносната гаранција е „меѓу најсилната што некогаш била дадена“ а целта е „да се спречат нови напади“.

„Претседателот не се повлекува од своите обврски. Тој е силно посветен на Украина и на постигнување мир. Ќе бидеме покрај Украинците во нивниот пат кон постигнување мир“, додаде Виткоф.

Виткоф и Кушнер беа претставници на САД, откако најавениот државниот секретар Марко Рубио, се повлече поради операцијата во Венецуела.

Разговорите во Париз се одржаа во момент кога вниманието на Трамп е насочено кон Венецуела, а неговите повторени закани за анексија на Гренланд создаваат тензии во односите меѓу САД и Европа. На заедничката прес-конференција по потпишувањето, повеќе прашања се однесуваа на тоа дали Европа може да им верува на американските безбедносни гаранции, особено во време кога Трамп се заканува со воена акција против друга членка на НАТО.

Одделно, американската и украинската делегација веќе со недели се обидуваат да постигнат билатерален мировен договор, кој би бил понуден на Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски и дел од украинската делегација во вторникот вечерта требаше одделно да се сретнат со американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Сепак, Зеленски изјави дека прашањето за отстапување украинска територија останува клучна пречка во преговорите. „Имаме неколку идеи што би можеле да бидат корисни“, рече тој, додавајќи дека доколку преговарачките тимови не постигнат договор, е подготвен директно да разговара со Доналд Трамп.

И Виткоф се согласи дека територијата ќе биде „најкритичното прашање“ во разговорите. „Се надеваме дека ќе можеме да најдеме одредени компромиси“, изјави тој.

Иако Трамп повеќепати тврди дека мирот е „на дофат“, засега нема јасни сигнали дека Москва е подготвена за договор. Руски официјални лица повеќепати ја отфрлија можноста за привремен прекин на огнот или брз договор, инсистирајќи на сеопфатно решение кое, како што велат, ќе ги адресира „коренските причини“ на конфликтот.

Кремљ исто така категорично соопшти дека ќе се спротивстави на распоредување на војници од НАТО на украинска територија како дел од каков било договор. Со оглед на тоа што Москва засега изгледа подготвена да продолжи со борбите, можноста за договор, а потоа и распоредување странски сили, изгледа малку веројатна барем на краток рок.

Оваа реалност ја призна и британскиот премиер Кир Стармер во своето обраќање во вторникот. „Поблиску сме до мир отколку кога било досега, но најтешкиот дел допрва следува“, изјави тој. „До мировен договор може да дојдеме само ако Путин е подготвен на компромиси. Засега, тој не покажува подготвеност за мир“, додаде Стармер.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони и полскиот премиер Доналд Туск по разговорите изјавија дека нивните земји нема да испраќаат војници во Украина. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, рече дека Германија би можела да придонесе со сили, но тие би биле стационирани во соседни земји, а не директно во Украина.

За време на викендот, Зеленски предупреди дека „не сите се подготвени“ да испратат војници во Украина и призна дека размената на разузнавачки информации и испораките на оружје остануваат клучни форми на поддршка. Сепак, тој истакна дека обврските на Велика Британија и Франција за распоредување сили се суштински за какви било реални безбедносни гаранции.

„Отворено зборувајќи како претседател, самото постоење на коалицијата зависи од тоа дали одредени земји се подготвени да го зголемат своето присуство“, изјави Зеленски. „Ако не се подготвени, тогаш тоа навистина не е ‘коалиција на подготвените’.“