Oваа објава е невистинита, виралната фотографија на којашто е прикажано дека американскиот претседтел Џо Бајден, наводно, ја ставил раката на задникот на Зеленски е дигитално изменета. Станува збор за манипулирана верзија на официјална фотографија споделена од новинарскиот тим на Белата куќа, на којашто се гледа како првата дама Џил Бајден и нејзиниот сопруг го допираат Зеленски на грбот, со рацете јасно поставени во средината, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Фотографијата којашто се споделува на Фејсбук, а на која се гледа како американскиот претседател, Џо Бајден го допира задникот на украинскиот претседател, Володимир Зеленски пред новинарите и фоторепортерите за време на неговата историска посета на Вашингтон во средата, стана вирална на социјалните мрежи. Сепак, фотографијата е фотопоширана односно лажна.
Што би рекол Мирко Попов некој мора да те потапша од позади за да ти тргне у животот!!!
Историската посета на Вашингтон минатата недела на украинскиот претседател Володомир Зеленски, чија земја веќе 10 месеци е под руска инвазија, предизвика огромно внимание во јавноста.
Но, посетата, исто така, беше и мета за дезинформации. Една од тие е вирална фотографија која го прикажува Зеленски како стои помеѓу Бајден и првата дама на САД, Џил Бајден при што претседателот на САД е прикажан како наводно го допира за задникот неговиот украински колега (тука, тука, тука и тука).
Вистина е дека Зеленски беше во Вашингтон во средата и дека двајцата лидери поминаа многу време заедно, при што скоро секој јавен момент беше снимен на видео и на фотографии од повеќе агли. На една од фотографиите прикажани се американскиот претседател Бајден и неговата сопруга како го допираат Зеленски на грбот, со рацете јасно поставени во средината.
Вистинската фотографија е направена од официјалниот фотограф на Белата куќа. Никој друг немал пристап до тој агол, освен официјалниот персонал во Белата куќа. Прегледувањето на официјалните профили на социјалните мрежи на Белата куќа покажуваат дека оваа фотографијата е споделена од профилите на првата дама на САД и на Фејсбук и на Твитер со текст кој вели:
Претседателе Зеленски, се надеваме дека ќе ја пренесете нашата љубов и поддршка на Олена и вашите деца и на сите семејства во Украина.
При повнимателниот преглед на двете фотографии споени една до друга се забележуваат детали кои укажуваат дека сликата е фотошопирана односно изменета.
Дека се работи за истата фотографија, само фотошопирана, покажува фактот што сенките на двете фотографии се исти, кадриците на косата на Џил Бајден, исто така, се идентични и нема какви било поразлични движења на никој од присутните на фотографијата.
Но, на официјалната фотографија јасно се гледаат наборите на дуксерот на Зеленски кои се вештачки измазнети и избришани во монтираната верзија, каде што е сменета поставеноста на раката на Бајден.
Изменетата верзија покажува и неприроден агол во рамото на Бајден, а должината на неговата рака се чини дека е непропорционална со неговото тело.
Поради сето ова оценуваме дека оваа објава е невистинита, Бајден не ја ставил раката на задникот на Зеленски. Виралната фотографија е дигитално манипулирана верзија на официјална фотографија споделена од новинарскиот тим на Белата куќа.
***
Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.