Да одиш на работа со сопствен автомобил е непримерно, па дури и срамота, вели младата Александра од Скопје која веќе неколку години живее и работи во Германија, Хамбург, објавува „Порталб.мк“.
Градот со 1,8 милиони жители буквално пулсира во текот на цело деноноќие. Мобилноста на жителите на овој втор по големина град во Германија ја овозможува беспрекорниот јавен превоз – подземен и надземен.

Познатиот „Дојчланд тикет“ ги отвара вратите на сите видови превоз на територијата на целата држава, вклучувајќи ги и регионалните возови, односно меѓуградскиот превоз.
Конкретно, за користење на јавниот превоз во самиот град, месечниот билет чини 78 евра а ги опфаќа сите видови на превоз, автобуски, познатите возови „убан“ и „есбан“ како и превозот со брод, освен регионалните возови. Алтернативите за превоз се бројни.
Автобусите се на „електричен погон“, на автобуска постројка доаѓаат на секои 4 до 15 минути, во зависност од зоната и од тоа во кој период на денот сообраќаат.
Внатрешноста на автобусите е прилагодена дури и за велосипеди – има посебно место за нив а дозволен е влез и на домашни миленици, освен во утринските и попладневните часови, кога луѓето одат и се враќаат од работа. Во дел од автобусите има и минибиблиотеки. Влезот и излезот е „дигитализиран“, преку посебно копче со кое патникот најавува дека треба да се симне на станицата.
Автобус број 183 . Невообичаена глетка на една од пофреквентните рути во центарот на градот. Зад воланот – Дедо Мраз. Со насмевка на лице ги пречекуваше сите патници. На ниво на градот има околу 120 автобуски линии.
Познатите „убан“ и “„ебан“, подземен и надземен воз, форма на превоз блиска до метро. На ниво на градот, Убанот и Есбанот сообраќаат на по 4 линии а заедничка им е брзината – на станица доаѓаат за околу 4 минути а од една до друга страница во просек има по најмногу 1,5 километар.
Патувањето од една до друга станица трае 2 минути. Внатрешноста на возовите е целосно модернизирана.
Има визуелни и аудио информации за секоја станица, движењето се следи на монитори. Поради тоа што се работи за „возови“ со бројни вагони и поради тоа што сообраќаат многу често, метежот не постои, во секој момент има слободни места за седење. Со Убанот и Есбанот се поврзани сите делови на градот. На секоја станица има достапни билетари каде патниците сами можат да си купат билет.

Велосипедите се дел од јавниот превоз. Освен приватни има и градски велосипеди кои се достапни на јавните градски паркинзи наменети за велосипеди. Освен на тротоарите каде има велосипедски патеки, велосипеди може да се возат на булеварите, на посебни сообраќајни ленти наменети само за велосипедисти.
Во градот има и опција да се изнајми возило. Автомобили се достапни преку специјална апликација, по ист модел како што се изнајмуваат тротинети. Изнајмените автомобили се поисплатлива варијанта отколку користење на сопствен автомобил. Еден километар чини 0,80 центив и во цената е вклучено горивото и паркингот.
Неретко самите компании ги купуваат, односно обезбедуваат билети за превоз на своите вработени и овој пристап е дел од менаџерската култура во овој дел од Германија.

Еднонеделн билет за јавниот градски превоз чини 38 евра со кој туристите беспрекорно и комотно можат да патуваат во секој дел од градот користејќи ги сите можни видови на превоз, па дури и бродскиот.
