Фото: Luo Lei on Unsplash

За производството на електрична енергија од сонцето и водата како обновливи извори на енергија (ОИЕ) и понатаму постои најголем интерес во земјава, споредено со останатите извори на „зелена енергија“. Како и изминатите години, бројот на нови енергетски објекти лани бил најголем кај фотонапонските електрани, додека малите хидроелектрани што биле изградени имаат поголема моќност за производство на струја, покажуваат податоците на Агенцијата за енергетија и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Според Регистарот на електроцентрали за производство на електрична енергија од ОИЕ, во земјава има 168 фотоволтаични електрани, 98 мали хидроелектрани, 3 биогасни електрани и по 1 ветерен парк и електрана на биомаса. Сепак, овие податоци ажурирани од Агенцијата за енергетика на 20 април годинава покажуваат дека малите хидроелектрани имаат најголема моќност, а поради нивната големина и произведуваат најмногу мегават-часови електрична енергија.

Инсталираната моќност на малите хидроелектрани, заклучно со крајот на април, е 88,88 мегавати, по што следи ветерниот парк во Богданци со инсталирана моќност од 36,8 мегавати. Иако најбројни како објекти, фотоволтаичните електрани имаат моќност од само 23,83 мегавати. Биогасните електрани во земјава имаат инсталирана моќност од 7 мегавати, додека единствената електрана на биомаса е со моќност од 0,6 мегавати.

Податоците на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги покажуваат дека лани во електроенергетскиот систем на земјава биле приклучени нови производители на електрична енергија со инсталиран капацитет од 14,8 мегавати.

„Најголем дел од новите електроцентрали се или фотонапонски електроцентрали, со вкупен инсталиран капацитет од 7 MW, или мали хидроелектроцентрали, со вкупен инсталиран капацитет од 7,8 MW“, се наведува во Годишниот извештај за работењето на РКЕ во 2020 година.

Во 2020 година, во земјава започнале со работа 38 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија. Од нив, 6 биле хидроелектрани, додека 32 фотонапонски електроцентрали.

„Како и кај малите хидроелектроцентрали така и кај фотонапонските електроцентрали доминира бројот на повластени производители“, се наведува во Годишниот извештај на РКЕ во однос на тоа по кои цени овие објекти ја продаваат произведената електрична енергија.

Повластената тарифа, како мерка за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, беше воведена во 2007 година, додека првите електроцентрали кои произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи започнаа со работа во земјава во 2010 година.

Од РКЕ во Годишниот извештај за 2020 година наведуваат дека кај производството на електрична енергија од хидроелектроцентрали и ветерни електроцентрали, трошоците за поддршка во просек се пониски по единица произведена електрична енергија во споредба со трошоците за поддршка кај фотонапонските електроцентрали и термоелектроцентралите на биогас.

Воедно, податоците за минатата година, споредбено со 2019 година, покажуваат пораст на производството на електрична енергија од сите видови на електроцентрали, освен термоелектроцентралата на биомаса, којашто немала производство во 2020 година.