Министерството за внатрешни работи (МВР) досега регистрирало неколку изборни прекршоци во текот на денешниот изборен ден низ земјава. Полицијата регистрирала фотографирање на гласачките ливчиња на избирачките места бр.0537 во Дебар, 0755 во село Осој, општина Кичево и 2909 во Скопје. Против лицата ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираат од МВР.

Исто така, нарушување на јавен ред и мир имало во Прилеп во дворот на ОУ „Кире Гаврилоски“, каде Џ.П. физички го нападнал Г.Д., и двајцата од Прилеп. Интервенирано е од полициски службеници, а при прегледот кај лицето Џ.П. пронајден и одземен бил пиштол марка “ЦЗ“. Се работи на расчистување на случајот.

Околу 13,15 часот на гласачко место бр.„2695“ во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ претседателот на избирачкиот одбор побарал интервенција, бидејќи лице влегло на гласање со маска на лицето на која имало партиски симбол и не сакало да ја смени. При доаѓање на полициски службеници лицето веднаш ја сменило маската и му било овозможено да гласа, а од страна на полициските службеници е утврдено дека се работи за Е.Т.(37) од Скопје.

Лицето потоа почнало на висок тон да се расправа со полициските службеници по што и била дадена наредба да престане и излезе надвор од училиштето за да не го нарушува јавниот ред и мир за време на гласањето, при што истата одбила и продолжила да го нарушува јавниот ред и мир. Лицето е лишено од слобода и против него ќе биде поднесен записник за констатиран прекршок по чл.4 „Нарушен јавен ред и мир со карање, викање, дрско и непристојно однесување“ и член14.