Вистиномер не успеа да најде ниту една вест дека во „Белата палата“ се организирала некаква забава за новото задолжување. Такво нешто не најдовме ниту на официјалната Фејсбук-страница на ВМРО-ДПМНЕ. Фотографијата од министерката е креирана со помош на вештачка интелигенција
Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:
Министерската за финансии Гордана- Димитриеска-Кочоска на прославата на ВМРО во Белата Палата, го слави задолжувањето од една милијарда евра. И, како викаат 500 евра минимална плата било луксуз.
Објавата споделува и фотографија од министерката за финансии на која таа е облечена во свечен, балски црвен фустан, со чаша вино во раката. Во позадина се гледаат исто така луѓе облечени во костими и свечени тоалети.
Истата фотографија може да се најде и во објави на Фејсбук (тука и тука).
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на 14 јануари 2025 година, информира дека успешно било реализирано издавањето на десеттата еврообврзница со две транши од по 500 милиони евра.
Како што тврди објавата што ја анализираме, по ова имало прослава во „Белата палата“ (седиштето на ВМРО-ДПМНЕ), на која се славело новото задолжување и на која присуствувала и министерката за финансии.
Вистиномер не успеа да најде ниту една вест дека во „Белата палата“ се организирала некаква забава за новото задолжување. Такво нешто не најдовме ниту на официјалната Фејсбук-страница на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографијата од министерката ја побаравме на нејзината официјална Фејсбук страница, но не успеавме да ја најдеме.
Вистиномер ја разгледа внимателно фотографијата и забележавме неколку интересни детали. Прво, доколку ги разгледате фотографиите на Димитриеска-Кочоска на Фејсбук, може да се забележи дека таа на последните, понови фотографии, не носи очила, што е случај со фотографијата што ја анализираме. Понатаму, на фотографијата од објавата се гледа дека министерката има бурма на десната рака. Но, на фотографиите објавени на нејзиниот профил на Фејсбук, никаде не може да се види бурма.
Ја побаравме фотографијата на Гугл, но не ја најдовме на ниту една кредибилна страница, туку само на некои забавни фејсбук-страници.

Во делот „за оваа фотографија“, Гугл посочува дека истата е креирана со помош на вештачка интелигенција.

Тоа го потврдуваат и страниците за проверка на содржини креирани со помош на ВИ.
Така на пример Sightengine, покажува дека фотографијата е 99 проценти генерирана со помош на вештачка интелигенција.

Според алатката Hive, фотографијата е 99,9 проценти генерирана со помош на вештачка интелигенција.

Речиси иста фотографија ја најдовме и на социјалната мрежа Икс, но на неа министерката не е во свечена тоалета, туку во костим за капење.
Сето ова е доволен показател дека фотографијата не е реална, туку креирана со вештачка интелигенција.
Поради тоа оценуваме дека објавата што ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
