По вчерашната објава на Мета.мк во однос на дефект на улицата Атинска, односно Багдадска во Карпош, денеска на терен се екипи кои го санираат откако со месеци наназад течеше големо количество питка вода директно во канализација.
Новинската агенција Мета.мк истовремено упатува јавно извинување до Општина Карпош поради тоа што во претходната објава е наведено дека од нивна страна не сме добиле одговор на прашањата кои ги испративме. По дополнителна проверка и реакција од Општината, утврдивме дека одговорот, сепак, бил испратен на 27 декември 2024 година.
Во истиот одговор од Општина Карпош велат дека комунален инспектор извршил увид на местото на дефектот, при што било утврдено дека станува збор за расипан вентил, но проблемот бил на приватен имот, за што одговорноста за санирање е на сопственикот на имотот.
„Со оглед на фактот што шахтата е сопственост на двајца браќа, од страна на инспекторот им е посочено дека треба самите да го санираат бидејќи е на нивни имот и укажано им е тоа да го направат во разумен рок“, се вели во одговорот на Општина Карпош испратен на 27 декември.
Додаваат дека, по извршениот втор увид, сопствениците биле задолжени во најбрзо време да направат ископ со цел да се овозможи приод до спорната шахта, а потоа ЈП Водовод и канализација да го санираат дефектот.
„Кога ќе биде поправен дефектот, Општина Карпош ќе ја санира улицата во рамките на секторската програма и план, сè со цел да се реши проблемот кој трае веќе неколку месеци, а се засегнати објектите во тој реон. По претстојните Новогодишни и Божиќни празници ќе биде извршен уште еден инспекциски надзор за да се утврди дали е реализиран договорот, доколку не е, ќе бидат преземени санкции“, велат од Општина Карпош во својот одговор за Мета.мк во декември.
Мета.мк за проблемот се обрати и до скопски „Водовод“, од каде обврската за санирање исто така ја префрлија на станарите во блиската зграда.