Шпанија продолжува да се соочува со катастрофалните последици на вчерашната поплава, која е најлошата поплава во државата со децении. Според шпанската новинска агенција „ЕФЕ“, најмалку 140 лица загинале, пренесува Гардијан.
Обемот на поплавата може јасно да се види во горенаведениот колаж од Европската вселенска агенција (ЕВА), каде се споредува како изгледал регионот околу градот Валенсија на 8 октомври и на 30 октомври, на денот на поплавата. Според Шпанската метеоролошка агенција „Аемет“, во регионот во Валенсија во осум часови паднало дожд колку што обично паѓа во една година.
„Приоритет во моментов е да се пронајдат оние што се исчезнати за да се ублажи болката што ја трпат семејствата. Ќе ја продолжиме потрагата по копно, море и воздух сè додека не се пронајдат сите исчезнати луѓе. Невремето продолжува, ве молиме останете дома. Ве молиме, внимавајте на сите повици и препораки од службите за итни случаи“, изјави премиерот на Шпанија Педро Санчез.
Бил активиран и сателитот „Коперник“, за да помогне при пронаоѓањето на лица кои се водат како исчезнати. Сè уште нема официјална статистика за бројот на исчезнати лица.
„Не можам да ви опишам што се случи овде. Навистина немам зборови за да опишам што да го опишам“, вели граѓанин на Утиел, еден од погодените градови.
Илјадници домови во валенсискиот регион се целосно уништени, а сè уште има огромни количини кал по улиците. На видео-снимки кои се ширеа по социјалните мрежи, можеше да се види како мост во Валенсија беше целосно соборен од водата.
„Нема струја на некои места и мораме да ја ограничиме водата. Шест лица загинаа, а стотици луѓе изгубија сè – своите куќи и дуќани“, изјави Рикардо Габалдон, градоначалникот на Утиел.
