(Фото) Петардите не се играчка: Средношколци со реалистичен перформанс од центарот на Скопје

Фотографија од показна вежба, девојката не е реално повредена. Фото: МВР

Во пресрет на новогодишните празници учениците од средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, како и учениците од Средното училиште за ликовна уметност „Лазар Личеновски“ ги употребија своите уметнички вештини за да покажат какви последици настануваат при употреба на петарди и други пиротехнички средства.

Тие заедно со припадници на Одделението за превенција при СВР-Скопје и Црвениот крст организираа показна вежба која на минувачите им личеше како да се снима филм, со цел да се влијае на свеста на граѓаните да не ги употребуваат овие средства. Освен реалистичкиот перформанс, учениците од Средното училиште за ликовна уметност создадоа и ликовни творби на тема: Петардите не се играчки, стоп на употребата на пиротехнички средства.

Видеото од реалистичната показна вежба може да го погледнете – ТУКА

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски нагласи дека иако во споредба со изминатите години се намалува употребата на петарди, сепак, за жал сè уште е присутна како појава.

Тој рече и дека МВР презема и репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба. Ангеловски упати апел и до родирелите, да не им купуваат петарди на своите деца бидејќи петардите не се играчка туку се опасност која може да резултира со трајни последици, па дури и инвалидитет.

Од МВР потсетуваат и на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир кој во членот 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.

Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:

(1) Тој којшто неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години;

(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.