Форумот на слободоумни патриоти го повикa дополнителниот заменик-министер Диме Спасов да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата што ја врши.

„По Вашето лудување во алкохолизирана состојба по скопските улици, во кое уништивте државен и приватен имот, ја злоупотребивте Вашата функција, сторивте неколку кривични дела, како и Вашето непочитување на овластен државен орган, во овој момент најмалку што може да направите е да си заминете и да се повлечете од политичкиот живот во Република Македонија“, пишува во соопштението на Форумот на слободоумни патриоти.

Оттаму додаваат дека се смешни и неприфатливи приказните со кои дел од медиумите се обидуваат да го амнестираат од криминалното однесување и дивеење по скопските улици.

„Сакаме да му укажеме на лицето Д.С. дека семејните вредности што во последно време ги промовирате се во основите на демохристијанството како начин на политичко дејствување, а не Вашето криминално однесување во алкохолизирана состојба. За крај сакаме да го повикаме Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување, да престане да се крие и да излезе и да ѝ објасни на јавноста во какви околности му дозволил на лицето Д.С., дополнителен заменик-министер за труд и социјална политика, да вози службено возило и дали постои документација за оправданоста на ваквите негови постапки. Исто така, сакаме да му укажеме на директорот на Агенција за вработување дека ваквите негови постапки се класична злоупотреба на службена должност и на овластувања“, пишува во соопштението на Форумот на слободоумни патриоти.