Формирана Мрежа за дигитални права во Југоисточна Европа

Соочувајќи се со зголемен број на повреди на дигиталните права, деветнаесет организаци за човекови права се здружија во одбрана на поединците и општествата во Југоисточна Европа.

Илустрација: BIRN.

Деветнаесет организации од Југоисточна Европа ги здружија силите во рамките на новоформираната мрежа чија што цел е унапредување на дигиталните права и справување со растечките предизвици кои произлегуваат од широката употреба на напредни технологии.

Иницирана од страна на Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН, и фондацијата SHARE, мрежата за дигитални права на Југоисточна Европа е прва ваква мрежа која што ќе се фокусира на дигиталната средина и на предизвиците врз дигиталните права во југоисточна Европа.

Една од основачите и Фондацијата Метаморфозис, водечка организација од оваа област од Северна Македонија.

Во мрежата членуваат деветнаесет организации од регионот, од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, кои што се посветени на заштита и промоција на човековите права, подеднакво онлајн како и офлајн.

Секоја од овие организации веќе работи на полето на злоупотреби на дигиталните права, недостаток на транспарентност, зголемената употреба на инвазивни технологии и повредите на приватноста.

Уште од почетокот на пандемијата со КОВИД-19, Централна и Југоисточна Европа се соочува со драматичен пораст на стапката на повреди на дигиталните права, во земји во кои што демократските вредности се веќе загрозени.

„Овој потфат доаѓа во момент кога веќе гледаме зголемено мешање на државните и комерцијалните чинители кои дополнително го стеснуваат просторот за дебата и во време кога практицирањето на основните човекови права се соочува со континуирани ограничувања“, изјави регионалниот директор на БИРН, Марија Ристиќ.

„Интернетот има голем потенцијал да одговори на потребите на луѓето. Пристапот до интернет се покажа како незаменлив во време на криза како што е сегашната. Нашите општества се повеќе стануваат дигитални, а тоа дава силен порив за зајакнување на капацитетите на организациите кои што се занимаваат со дигитален развој и регулативи во нашиот регион“, додаде Ристиќ.

Во рамките на првиот заеднички состанок, членките на мрежата се согласија дека брзата еволуција на технолошките решенија кои државите ги употребуваат доведе до загрозување на основните права и слободи, додека пак лажните и непроверени информации кои го обликуваат животот на луѓето од регионот, се широко распространети во виртуелниот простор. Онлајн просторот е веќе претворен во непријателска атмосфера за  индивидуалците кои отворено ги споделуваат своите ставови, а особено за маргинализираните групи како што се малцинствата, LGBTIQ+  заедницата, бегалците и жените.

„Дигиталната технологија суштествено ги менува нашите општества и станува важен дел од сите сфери на нашите животи. Затоа ние сметаме дека разноликоста на организациите кои што се приклучија на мрежата е една од нејзините нај големи предности“, рече директорот на SHARE фондацијата, Данило Кривокапиќ.

„Можеме многу да научиме од заемните искуства бидејќи се соочуваме со слични проблеми со владите кои што ја користат технологијата за да наметнат контрола врз општествата, особено во време на криза како оваа со КОВИД-19“, изјави Кривокапиќ.

„Подеднакво е важно да делуваме заедно во обидот да ја вратиме рамнотежата помеѓу нашите граѓани и големите компании (Фејсбук, Гугл итн.) кои поседуваат огромен број наши лични податоци и преку нив имаат значајна моќ врз нас“, додаде Кривокапиќ.

Мрежата ќе се стреми да ги надогради вештините, знаењата и искуствата на своите членки во интерес на постигнување на заедничките цели како што се зајакнувањето на демократијата во регионот и заштитата на поединците во дигиталното опкружување.

Преку негување на вредностите како што се безбедноста, еднаквоста и слободата, работата на  мрежата за дигитални права во Југоисточна Европа ќе биде насочена кон постигнување на следниве цели: заштита на дигиталните права и слободи; овозможување на пристап до точни информации; претворање на интернетот во побезбедно место; детектирање и информирање за говорот на омраза и вербалното насилство, особено насочено кон жените и кон другите ранливи групи; идентификување на онлајн-регрутацијата која што може да доведе до искористување; воспоставување контрола врз личните податоци; превенција од употребата на инвазивни системи за надгледување, барање одговорност од владите кои што ги употребуваат и злоупотребуваат технологиите, како и подобрување на дигиталната писменост со цел да се спречат насилството и злоупотребите.

Мрежата ќе се стреми да го зголеми нивото на свесност за сложените и загрижувачки трендови и практики, обидувајќи се да ги приближи до широката јавност на јазик кој ќе биде разбирлив. Преку создавање на заеднички простор за дискусија и размена, организациите и медиумите ќе можат да го зголемат ефектот од своите индивидуални напори насочени кон законски, политички и општествени промени.