Хајделберг факултетот Скопје соопшти дека формира Бизнис совет, како стратешки советодавен одбор за зајакнување на соработката помеѓу академската заедница, студентите и бизнис секторот. Свечената церемонија се одржа денеска во просториите на факултетот.
Оттаму велат дека Бизнис советот претставува платформа за заедничка работа чија цел е да се надминат предизвиците на пазарот на трудот, особено недостатокот на квалификуван кадар. Најавуваат оти советот ќе овозможи поврзување на теоретското образование со реалните деловни потреби преку заеднички проекти, пракси и иновации.
„Формирањето на Бизнис советот означува нова ера на партнерство и раст. Посветени сме на развој на идни професионалци преку создавање средина каде што академијата и индустријата соработуваат за заеднички успех“, изјави деканот на Хајделберг Скопје, проф. д-р Горан Василев.
Од Хајлдербег додаваат оти основачите на Советот се истакнати претставници од различни индустрии со заедничка визија за економски развој на земјата.
„Преку креирање мрежа од стратешки партнерства, Хајделберг има за цел да го поддржи професионалниот развој на младите и да ја зголеми конкурентноста на пазарот на трудот во Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Церемонијата вклучувала воведни говори, презентација на целите на Советот и панел дискусија за развој на квалификувани кадри. Настанот завршил со сесија за вмрежување.