Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Утрово во 8 часот формално започна главната фаза од попишувањето на населението, домаќинствата и становите на целата територија на земјава, која што законски треба да трае до 21 април во 20 часот. Ова не е првоаприлска шега, туку постојниот важечки закон за одржување на пописот предвидува од 1 април на вратите од домовите низ земјава да чукнат попишувачите.

Иако неделава беше постигнат договор меѓу лидерите на власта и опозицијата Зоран Заев и Христијан Мицкоски, со кој беше договорено да се одложи пописот за во септември, а за возврат, опозицијата да не повикува на бојкотирање на круцијалната операција, до утрово во Собранието на РСМ не е донесено законското решение со кое се одложува пописот за во септември.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера попладне изјави дека не знае кога ќе бидат донесени измените на Законот за попис, при што наведе дека предложените измени поднесени од Владата ги вратил поради формални грешки на доработка назад. Поради ова, до вечерта не се одржа собраниската седница по ова прашање.

Од Државниот завод за статистика којшто треба да го спроведе пописот засега немаат коментар на прашањето дали попишувачите денеска ќе излезат на терен и ќе ја започнат сложената статистичка операција, но министерот за правда Бојан Маричиќ вчера изјави дека доколку денеска попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тогаш тие ќе бидат земени во предвид.

Нов обид за усвојување на законските измени за одложување на пописот ќе биде направен денеска, преку закажување на собраниска седница. На вчерашната координација на пратеничките групи кај спикерот Талат Џафери од пратеничката група на Алијансата за Албанците/Алтернатива се изјасниле против одржувањето на ваквата собраниска седница. Од оваа опозициска коалиција рекоа дека имаат механизам да спречат одложување на пописот преку Бадентеровото мнозинство.