Форумот за образовни промени (ФОП) реагираше на новиот предлог Закон за високо образование, кој според нив наместо да го штити квалитетот на високото образование, е инструмент за политичка контрола.
Тие изразија загриженост за тоа што законот не ги исполнува стандардите утврдени од Европската асоцијација за квалитет во високото образование (ENQA). Според ФОП, спорно е тоа што составот на Советот за квалитет и Управниот одбор, две клучни тела кои одлучуваат за кои студиски програми ќе се акредитираат, отсега ќе имаат 7 членови именувани од Влада.
„Седум од 15-те членови на Советот за квалитет, телото кое одлучува кои програми и институции се акредитираат, се именуваат директно од Влада. Ова е во спротивност со стандардите од ENQA. Владата не треба да има последен збор за акредитацијата. Академскиот квалитет не може да зависи од тоа која политичка партија го води извршното тело“, наведуваат од ФОП.
Од ФОП додаваат и дека законот ги исклучил меѓународните експерти и ги ограничил само на учество во комисии без реални надлежности.
Исто така, тие сметаат дека иако Советот за квалитет ја носи одлуката за акредитација, законот му дава кончена надлежност на Министерот за образование врз функционирањњето на институциите.
„Тука не станува збор за надзор, туку за контрола. Професионалното одлучување станува безвредно кога над него стои политичко вето, што е спротивно на принципите на ENQA“, велат од ФОП.
За ФОП, погрешно е и тоа што Управниот одбор на Агенцијата за квалитет ќе се состои исклучиво од членови именува од Владата, бидејќи како што посочуваат, инстутиционална автономија не може да постои кога извршното тело само ги избира лицата се одговорни за мониторинг.
Наместо предложеното решение, од ФОП бараат членовите на Агенцијата, како и претседателот на Управниот одбор, да се избираат преку јавни и транспарентни постапки. Воедно, предлагаат вклучување на меѓународни експерти во процесот на одлучување, акредитациите да бидат исклучиво во надлежност на Агенцијата и ослободени од политичко влијание, како и јасно дефинирање на постапките и критериумите во подзаконските акти.
