ФООМ и Фондацијата „Чекор по чекор“ ќе одржат настан „Улогата на учителот во новата реалност“

На 7 октомври, со почеток во 13 часот, во надворешната сала на Хотелот Александар Палас во Скопје, Фондацијата Отворено општество-Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ ќе го организираат настанот Speech4Teachers, по повод одбележување на Меѓународниот ден на учителот.

Целта е преку обраќањата на неколку образовни експерти, практичари и креатори на образовни политики, да се проговори за улогата на учителите во образованието и развојот на децата.

На настанот ќе се обратат Министерката за образование и наука Мила Царовска, извршната директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија Фани Каранфилова-Пановска, Сузана Киранџиска, Извршна директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“, Зоран Велковски- универзитетски професор, Алвин Салимовски-директор на основно училиште, Биљана Спасовска-одделенски наставник, Елизабета Секирарска-професор во средно училиште и Давид Фрост, професор на Волфсон колеџ на Универзитетот Кембриџ.

На настанот кој е организиран во рамки на проектот „Образование на помалубројните етнички заедници“, целосно ќе се запази и почитува Протоколот за организација на настани во рамки на националниот план за спречување на ширењето на корона вирусот.