На 30 октомври, со почеток во 11 часот, на ZOOM онлајн платформата, Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ организира онлајн настан “Дијалози за Дигиталната агенда”, кој е во рамки на проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА”, а е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во 6 држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија).

Настанот ќе се состои од кратко претставување на проектот и мрежата ИЦЕДА, на Дигиталната агенда за Западен Балкан и од претставување на истражувањето спроведено во рамки на Опсерваторија на Дигиталната агенда во Северна Македонија, кое Фондација Метаморфозис го спроведе во рамки на проектот. Настанот ќе служи за развивање на дискусија за придобивките и предизвиците од спроведувањето на Дигиталната агенда во Северна Македонија во денешен контекст, од што ќе произлезат заклучоци кои Фондација Метаморфозис ќе ги земе предвид при спроведување на своите понатамошни активности.

Како говорници на настанот се очекува да учествуваат Јетон Шаќири – министер за информатичко општество и администрација, Бардил Јашари – извршен директор на Фондација Метаморфозис, Мила Јосифовска Даниловска – менаџер на програмата Општествена отчетност и човекови права онлајн во Фондација Метаморфозис, Проф. Владимир Петковски – Економски институт – Скопје, Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, Горан Колевски – Советник на директорот за заштита на правата на крајните корисници при Агенција за електронски комуникации, претставник на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, и претставник на Министерство за информатичко општество и администрација.

Сите заинтересирани страни се повикани да го пополнат формуларот за регистрација кој се наоѓа на следниот линк.

За следење на настанот потребно е да се приклучите на овој линк, а заради потребите на проектот, настанот ќе биде сниман и истиот ќе биде дел од проектната архива, но нема да се објавува јавно.

По завршување на настанот, сите регистрирани учесници ќе добијат линкови кои ќе водат до спроведеното истражување и изготвените визуелизации (на македонски, албански и англиски јазик), преку кои понатаму можат да добијат повеќе информации за тековната состојба за спроведување на Дигиталната агенда во Северна Македонија и да ги цитираат информациите соодветно во своите истражувања или статии.