Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 42 нови стипендии за студенти

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ по 12. пат доделува стипендии на студенти на Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје. Годинава се доделени 42 нови стипендии на 22 студенти на Фармацевтскиот и 20 студенти на Медицинскиот факултет.

Фондацијата доделува и еднократна парична награда на првенците на генерации во висина од 1200 евра во денарска противвредност. Наградени се Марио Игњатовиќ од Фармацевтскиот факултет и Елиф Врајнко, Стефан Пандилов, Влатко Каранфиловски, Никола Манев од Медицинскиот факултет кои се со просек 10,00.

„Особено задоволство ми е што годинава се пријавија исклучително талентирани студенти, па одлучивме наместо 40 да бидат дадени 42 стипендии, со што исполнивме квота од 500 стипендирани студенти за 12 години. Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и „Алкалоид“ биле дел од успешната приказна на 374 дипломирани студенти. За прв пат годинава Фондацијата има пет првенци на генерација сите со просек 10,00. Еден од првенците веќе од наредниот месец ќе ја започне својата кариера, а до крајот на годината 81 стипендирани студенти ќе бидат дел од компаниските процеси“, изјави претседателот на фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

Од 2009 година до денес, 79 од стипендираните студенти работат во „Алкалоид“, а од следниот месец уште двајца ќе бидат професионално ангажирани.