Фондацијата „Шеар“ алармира: Србија ќе стане првата земја во Европа со постојан биометриски надзор на граѓаните

Фото: Photo Mix from Pixabay

Доколку се усвојат одредбите за масовен биометриски надзор, коишто се содржани во нацрт-законот за внатрешни работи, Србија ќе стане првата земја во Европа што спроведува постојан, неселективен надзор на граѓаните во јавниот простор, алармира Фондацијата „Шеар“ од Белград.

Во Србија заврши јавната расправа за нацрт-законот, со што веќе е почната официјалната процедура за регулативата за масовниот надзор на јавните простори. Тоа предвидува напредни технологии што овозможуваат прибирање и обработка на голем број податоци за некоја личност во реално време, со софтверски алатки за препознавање ликови.

„Технолгиите што на тој начин би се ставиле на располагање на полицијата извонредно многу навлегуваат во приватноста, со потенцијално драстични последици за првата и слободата на луѓето и несогледливо влијание на демократското општество. Поради тоа Обединетите Нации и Европската Унија веќе зазедоа став против масовен биометриски надзор во работата на полицијата и другите безбедносни служби на државата“, порачува „Шеар“.

Оттаму објаснуваат дека во јавната расправа доставиле правни коментари на одредбите со коишто се регулира масовниот биометриски надзор и од надлежните побарале без одлагање да се прогласи мораториум на употребата на такви технологии и системи на територијата на Србија.

Со спорните одредби се предвидува воспоставување систем на масовен биометриски надзор низ Србија без да биде утврдена неопходноста на предложената мерка за сите граѓани постојано да се третираат како потенцијални криминалци преку претерано навлегување во приватноста на нивните животи. Посебно загрижува отсуството на детална проценка на влијанијата што примената на тотален биометриски надзор може да ги има на ранливите социјални групи, но и на новинарите, граѓанските активисти и другите чинители на демократското општество, алармира фондацијата.

„Шеар“ известува и дека во јавната расправа се приклучиле и други домашни и меѓународните организации што се противат на употребата на современите технологии на штета на општеството. Меѓу другите, реагирала и европската мрежа European Digital Rights (EDRi), која вклучува 45 организации и бројни експерти за дигитални права.

Во писмото од ЕДРИ до владата на Србија и до министерствата за внатрешни работи и за правда се вели дека одредбите со коишто се предвидува воспоставување систем за масовно прибирање, обработка и автоматска анализа на биометриски и други сензитивни податоци за личноста се неспоиви со гаранциите во Европската конвенција за човекови права, којашто Србија ја ратификувала во 2004 година.

„Предлот за нови закон за внатрешни работи изработен од владата на Србија претставува обид практиките за масовен биометриски надзор да се озаконат, со што би се овозможило навлегување во приватните животи на граѓаните и посетителите на Србија во размер што нема преседан. Додека организациите и агенциите за човкови права и заштита на личните податоци од ЕУ и од светот повикуваат на заштита на луѓето од штетните употреби на техноогијата, Србија се движи во опасен, спротивен правец“, се вели во писмото на Диего Наранхо од ЕДРИ, чија што членка е и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Северна Македонија.

Реагирала и Гвендолин Делбо – Корфилд, француска пратеничка во Европскиот парламент од редовите на Зелените. Таа порачува дека примената на вакви интрузивни технологии дополнително ги ограничува правата на сите луѓе што живеат во Србија, како и дека ваквите техноогии ја зголемуваат дискриминацијата на којашто се изложени маргинализираните групи.