„Треба да поминат уставните промени кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи и со заеднички дијалог се надевам дека сите политички сили ќе се здружат во земјата и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок и уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Таа го увери премиерот дека проширувањето ќе остане врвен приоритет за ЕК во следните пет години.
Фон дер Лајен при посетата на земјава нагласи дека добро е да се слушне дека Македонија е посветена на пристапниот пат кон ЕУ.
„Сега работата навистина мора да продолжи, сакам да одадам почит и на фактот дека сте 100 проценти усогласени со нашата надворешна и безбедносна политика и да ви се заблагодарам за поддршката за Украина“, рече Фон Дер Лајен, уверувајќи – „може да сметате на нас“.
„И мене ми е навистина важно, да не се вртиме многу наназад, туку да гледаме кон иднината. Сакаме да го пишуваме заедно наредното поглавје од нашата заедничка иднина“, рече претседателката на ЕК.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата останува цврсто посветена на својот пат кон полноправно членство во Европската Унија.
„Нашата визија е јасна, сакаме да бидеме дел од европското семејство, споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права.Свесни сме дека пред нас стојат значајни предизвици. Реформите кои ги спроведуваме во областите на правосудството, борбата против корупцијата, економскиот развој и зајакнувањето на институциите се клучни за нашата иднина. Овие промени не се само услов за членство во ЕУ, туку се неопходни за подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека очекува Европската Унија да помогне во изнаоѓањето на начини како да продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ.
„Очекуваме од Европската Унија да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес, многу е важна поддршката. Веруваме во принципот на фер и заслуги и верувавме дека нашите континуирани напори ќе бидат соодветно вреднувани. Нашата цел е јасна, но патот до неа бара заеднички труд. Соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање кои што се од суштинско значење. Убедени сме дека заедно можеме да ги надминеме сите пречки и да изградиме подобра иднина за нашите граѓани“, рече Мицкоски.