Проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан е стратешки избор и инвестиција во заедничката безбедност и слобода, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на самитот посветен на регионот. Фон дер Лајен истакна дека самитот се одржува во клучен момент, нагласувајќи дека Европската Унија од своето основање е мировен проект и дека токму мирот е темелот што ги обединува земјите-членки.

„Во овие времиња на геополитичка неизвесност, проширувањето е повеќе од избор за мир. Тоа е стратешки избор. Тоа е инвестиција во нашата заедничка безбедност и слобода. Денешните геополитички пречки се силни и брзи. А брзината на процесот на пристапување треба да одговара на темпото на геополитичките промени“, рече таа.

Претседателката на Комисијата оцени дека за првпат по повеќе од една деценија, проширувањето повторно станува реална можност. Таа ги пофали Албанија и Црна Гора за „огромниот и импресивен напредок“, оценувајќи дека тие претставуваат инспирација за останатите земји од Западен Балкан.

Во таа насока, Фон дер Лајен посебно се осврна на Планот за раст за Западен Балкан, кој комбинира реформи и финансиска поддршка. Планот предвидува 6 милијарди евра инвестиции и шест амбициозни реформски агенди, со цел земјите од регионот постепено да се интегрираат во ЕУ уште пред полноправното членство.

„Инвестициите без реформи не носат одржлив раст, а реформите без ресурси не можат целосно да се спроведат“, нагласи таа. Според неа, благодарение на Планот за раст, Западен Балкан денес е поинтегриран во ЕУ од кој било претходен партнер за проширување.

Фон дер Лејен информираше дека Инвестицискиот план за регионот досега мобилизирал 18 милијарди евра, од кои 6 милијарди се грантови од ЕУ, а во тек се над 68 проекти во транспортот, енергетиката, дигиталното поврзување и заштитата на животната средина. Таа најави и отворање на мрежа на фабрики за вештачка интелигенција, со „антени“ во Србија и Северна Македонија, што ќе им овозможи на компаниите од регионот пристап до европска ИТ-инфраструктура и компјутерска моќ.

Во делот за Косово, Фон дер Лајен соопшти дека по уредната транзиција на локалната самоуправа на северот, Европската комисија продолжува со укинување на мерките, со програмирана финансиска помош од 216 милиони евра и планирано ослободување на 205 милиони евра на почетокот на следната година.

Како клучен елемент за напредок, таа ја истакна регионалната соработка и Заедничкиот регионален пазар, оценувајќи го како најбрзиот пат кон конкурентност и најдиректен мост кон Единствениот пазар на ЕУ. Од 2021 година наваму, трговијата во регионот е значително зголемена, а пократките чекања на границите заштедиле еквивалент на повеќе од 20 години време.

„Мојата последна поента е регионалната соработка и интеграција. Заедничкиот регионален пазар е најбрзиот пат до конкурентност, најдиректниот мост до Единствениот пазар на ЕУ и најјасен доказ дека регионот може да дејствува како еден. Резултатите се јасни. Од 2021 година: Трговијата во регионот се дуплираше, трговијата со стоки и услуги е зголемена за 19%, пократките чекања на границите заштедија еквивалент на повеќе од 20 години вкупно. Но, можеме да одиме подалеку. Значи, сега е време да ги обновиме напорите и да ја завршиме агендата за Заедничкиот регионален пазар. Моментумот за проширување со нашите партнери од Западен Балкан никогаш не бил посилен. Ова е историска можност. Да ја искористиме заедно“ изјави таа.