„Фолтин“ денеска го промовираа новиот албум „Симултан бакнеж“ (видео)

*Најновиот албум „Симултан бакнеж“ на групата „Фолтин“

Групата „Фолтин“ денеска во МКЦ го промовираше новиот албум „Симултан бакнеж“, како и видео запис за една од песните на изданието. На албумот којшто е објавен под етикетата на „ОХО продукција“ се наоѓаат четири песни, кои беа снимени во Студио Алшар во декември минатата година.

Албумот го продуцираше Пеце Талески, додека обвивката на албумот е изработена од режисерот Ѓорче Ставрески. Ова е 13-ти албум објавен од групата „Фолтин“ од почетокот на нивното постоење до денес.

Новиот музички спот е за песната „Кој може да расипе еден ваков ден“, во режија на Милена Виитман.

Од „Фолтин“ на денешната прес-конференција најавија дека претстојново лето планираат многу музички настани за верната публика. На 17 јули ќе одржат концерт во Кичево, на 25 јули во Струга, на 29 јули во Прилеп, на 31 јули во Велес, додека на 22 август ќе настапат во Охрид. Воедно, „Фолтин“ рекоа дека кон крајот на летото новиот албум е планирано да се промовира и пред скопската публика.