fbpx

„Фокус“ прашува, МВР ги кани на гости

-

Одговорниот уредникот на неделникот „Фокус“, Зоран Димитровски, вчеравечер до портпаролот на министерството за внатрешни работи, Иво Котевски, јавно упати серија прашања, во врска со индициите за постоење тајна фабрика за изработка на пасоши, кои неделникот ги објави минататa недела.

Димитровски од портпаролот на МВР побара одговор на прашањата: дали за изработка на фалсификувани пасоши е неопходна машина, која тежи 8 тони, или можат да се изработат во домашни услови, дали разликата меѓу лажен и вистински биометриски пасош може да се забележи со голо око, дали ДИК за време на изборите располагала со систем за проверка на автентичноста на личните биометриски документи и дали членовите на комисијата имаат поминато обука во МВР за препознавање фалсификувани пасоши или лажни лични карти?

МВР денеска излезе со соопштение, во кое, меѓу другото, се вели дека досега никој од ДИК не пријавил какви било сомневања за злоупотреба на фалсификувана исправа, но не можат да исклучат, како што стои во соопштението, дека „е можно некој да се осмели да превитка хартиено марамче, да го обои црвено и на него да напише ’пасош‘“.

– Би нагласиле дека пред неколку години имаше случај во кој осомничениот во домашни услови, на ласерски печатач, си испечатил евра во различна вредност. Беше откриен и пријавен од првата продавница каде што ги употребил. Оттаму, не може да исклучиме дека е можно некој да се осмели да превитка хартиено марамче, да го обои во црвено и на него да напише „пасош“. Современата технологија што ја применува нашиот партнер од Германија, гарантира дека секаков обид за фалсификат би бил далеку од оригиналот и би бил лесно препознаен и откриен – се вели во соопштението од МВР.

На прашањето за тоа дали членовите на ДИК поминале обука за препознавање лажни личнни документи, од МВР одговараат дека тоа е прашање за одговорните во комисијата.

– Дали и како се обучени членовите на изборните органи и набљудувачите на избирачките места, какви инструкции, дали и како го употребувале мастилото со кое се гарантира правилото „еден човек – еден глас“, се прашања на кои треба да одговорат во Државната изборна комисија. Му стоиме на располагање на „Фокус“ да дојде и да нè посети и да се увери во софистицираноста на технологијата со која се изработуваат биометриските патни исправи од втора генерација и повторно да му ја објасниме апсурдноста и грешката во тврдењата дека АФИС на каков било начин е поврзан со процесот на издавањето на патните исправи -наведуваат од МВР.

Во истото соопштение, од МВР велат дека се подготвени да ја стават на увид целата кореспонденција меѓу „Фокус“ и министерството, за, како што велат оттаму, да не се манипулирала јавноста дека МВР не одговара на прашањата на неделникот.

– За да не биде изманипулирана јавноста и медиумите дека МВР не одговарало на прашањата на „Фокус“, со нивна дозвола, доколку некој граѓанин или медиум е заинтересиран, може да ја доставиме целокупната досегашна кореспонденција. Доколку се обезбеди одобрение и од некои функционери од СДСМ или невладини организации блиски до партијата, може да бидат доставени и целокупните материјали кои во согласност со законот за слободен пристап до информации неколку месеци наназад им беа одговарани – велат од МВР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...