Авионската компанија „Флајдубаи“ најави повторно воведување директни летови меѓу Дубаи и Скопје, три пати неделно почнувајќи од 1 април идната година.
Летовите ќе се организираат во понеделник, четврток и сабота, со поаѓање од терминалот 3 во Дубаи. Од Дубаи ќе се полетува во 9,55 часот, а во Скопје ќе се пристигнува во 13,30 часот. Од Скопје летот ќе тргнува во 14,30, а во Дубаи ќе слетува во 21,45 часот. Цените на повратните карти за бизнис класа од Скопјe до Дубаи почнуваат од 3.000 евра а цените за економска класа почнуваат од 580 евра. Цените за повратен лет во бизнис-класа од Дубаи до Скопје почнуваат од 187.000 денари, додека цените за економска класа почнуваат од 42.000 македонски денари.
„Обновувањето на летовите до Скопје дава поголем избор и флексибилност на нашите клиенти а воедно обезбедува и атрактивна опција за патување на едно место за туристите, деловните патници и на патниците од македонската дијаспора од Австралија и Азија. Нашите операции ќе почнат со услуга која се одвива три пати недело и уверени сме дека побарувачката ќе расте, бидејќи повеќе клиенти ќе ја искористат атрактивната понуда за застанување во Дубаи, додека се поврзуваат надвор од градот“, вели Џејхун Ефенди, виш потпретседател на одделот за комерцијални операции и е-трговија.
Патниците што патуваат од Скопје ќе можат да продолжат кон дестинации во Австралија, азиските центри како Шангај и Сингапур и кон популарни дестинации како Бангкок, Коломбо и Занзибар.
